Пакистанскиот суд пресуди смртна казна за порака на “Фејсбук”, соопшти ББЦ. Таимур Раза е осуден на смрт за богохулење. Тој објавил порака на “Фејсбук” за пророкот Мухамед. Од обвинителството објавија дека ова е прва смртна пресуда за случај поврзан со социјална мрежа. Бранителите на човековите права изразија загриженост од одлуката на судот. Социјалната мрежа се уште не го коментираше случајот.
Од американската компанија во март најавија дека испратиле тим во Пакистан како одговор за загриженоста на владата во врска со пораките со богохулство на мрежата. Но, во исто време од “Фејсбук” нагласуваат дека сеуште сакаат да ги заштитат “личниот простор и правата” на корисниците. Премиерот на Пакистан Наваз Шариф ја опишува пораката како “неоправдана постапка”. Случајот против Раза беше разгледан во суд за анти-тероризам во Бахавалпур – на околу 500 километри од главниот град Исламабад. Адвокатот на Раза изјави дека 30-годишниот учествувал во спор за исламот на социјалната мрежа со човек кој бил вработен во одделот за борба со тероризмот. Осудениот ќе поднесе жалба на пресудата.