Од верските календари

од Vladimir Zorba
64 прегледи

 

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 2 јуни.

Денеска е Св. Еразмо Охридски.

Овој светител беше родум од Антиохија, а живееше за време на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизуваше на Ливанската планина, а во Охрид дојде веќе како епископ за да го проповеда Евангелието. Во тоа време Охрид се уште беше пагански град. Тука со молитва го воскресна синот на некој си Анастас, кој потоа се крсти. Поради неговата проповед многумина поверуваа во Христа, па во Охрид тогаш пропаднаа скоро сите идолски жртвеници. Заради тоа светителот беше изведен пред суд од страна на Максимијан и затворен. Но, ангел го ослободи од затворот, како некогаш апостолот Петар. Потоа свети Еразмо за некое време замина во Кампања, а најпосле се повлече во градот Хермелија. Тука во мир го предаде својот дух на Бога во 303 година.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Вид.

Бил роден во Сицилија. На седумгодишна возраст поради верата во Христос, морал да побегне во далечната Луканија, иако неговиот татко го сакал, тој да се откаже од верата. Тоа се случувало за време на Диоклецијановите прогонства. Свети Вид бил измачуван на почетокот на прогонствата, во 304 година. Неговото учење за црквата се проширило низ цела Европа.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР  

Времето за ифтар и суфур

Во Скопје, времето на ифтар (кога завршува постот), денеска е во 20 часот и 18 минути, додека времето на суфур (кога почнува постот) e во 3 часот и 08 минути.

Времето на ифтар и суфур во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес 2 минути порано, Штип 3 минути, во Кочани 4 минути, во Струмица и Валандово 5 минути, а во Делчево 6 минути порано.

За разлика од времето на ифтар и суфур во Скопје, во Ресен и Битола тие почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево 2 минути, а во Охрид, Дебар и Струга 5 минути подоцна.