Од утре во Скопје „Баскерфест“ улична забава со необични настапи

од desk3
119 прегледи
Од утре на градскиот плоштад  и низ околни те улици, скопјани и гостите на метрополата ќе ги забавуваат жонглери, акробати, танчери, магионичари, кловнови, илузионисти и музичари за време на уличниот „Баскерфест. Сандра Темова една од организаторите ветува дека забава ќе има за сите возрасти. Меѓу поатрактивните – го најавува шоуто со балони и групата музичари со ударни инструменти од Романија.

„Имаме детска работилница што започнува од 18:30часот. Настапите на артистите започнуваат од 19:00 часот и ќе траат до 23 часот, а пак музичката програма од 22 до 01 часот“, вели Сандра Темова, огранизаторка на „Баскерфест“.

Еден од изведувачите на годинешниот  фестивал е дувачот на оган. Доаѓа во Македонија по шести пат.

„Оваа година има подобри артисти од други години и добри имиња од целиот свет. Има интересни настапи. Ги повикувам сите граѓани на Македонија а не само од Скопје, да дојдат и да учествуваат на Баскерфест. Ги повикувам граѓаните да го видат нашиот настап со оган“, вели еден од изведувачите.

Баскерите обично настапуваат на улиците и плоштадите во големите светски градови, а заработката ја добиваат од поминувачите. Но во Скопје, засега уметниците главно ги плаќаат локалните власти. Градоначалникот Коце Трајановски посака посетителите да уживаат, а градот за тоа ќе плати милион и двесте илјади денари.