Половина век подоцна Јоко Оно добива признание за коавторство на легендарната „Imagine“

од Vladimir Zorba
82 прегледи

Речиси половина век откако “Imagine” на Џон Ленон излегува во етерот, неговата вдовица и креативен партнер Јоко Оно ќе добие признание за учество во пишувањето на култната песна, па ќе биде запишана како нејзин коавтор. Соопштението беше направено за време на галавечер на Националната асоцијација на издавачите на музика во Њујорк, на која делото од 1971 година беше прогласено за песна на векот. За време на церемонијата беше емитувано и интервју на самиот Ленон пред БиБиСи од 1980 година, непосредно пред да биде убиен, во кое вели дека “Imagine” делумно била инспирирана од текстови на Јоко Оно од нејзината концептуална книга “Grapefruit” .

“Imagine” треба да биде признаена како песна на Ленон и Оно. А на кој друг, ако не мојата сопруга, јас да му го дадам ова признание “, вели самиот Ленон.

Подоцна синот на двојката Шон, кој заедно со неговата мајка ја прими наградата за песна на векот, напиша на “Фејсбук”, дека тоа е “многу горд ден” од неговиот живот. За време на церемонијата музичката легенда Пети Смит и нејзината ќерка Џеси Смит ја исполнија “Imagine”.

Јоко Оно, која веќе добила светско признание како авангарден уметник кога се запознава со Ленон, работела на многу проекти заедно со него и по неговата смрт се труди да го задржи неговото наследство.