Здружение на судии: Загриженост за несоодветниот пристап на надлежните органи во врска со финансирањето на судството

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Соопштение од Редовно Годишно Собрание на Здружението на судиите на Република Македонија.:

На  16 јуни  2017 година , во амфитеатарот на МАНУ во Скопје, се одржа  XII-тото Редовно Годишно Собрание на Здружението на судиите на Република Македонија.

На денешната седница Собранието го  усвои годишниот Извештај за работата на Здружението, донесе измени и дополнувања на Статутот на Здружението на судиите на Република Македонија и разгледа  други прашања од интерес за работата на Здружението.

Собранието расправаше и за моменталните состојби во судството, при што ги донесе следните заклучоци:

  • Собранието на ЗСРМ, ја утврди потребата од отварање на процесот на реформски активности во секторот правосудство, во Република Македонија, со цел зајакнување на судската независност, преку креирање на соодветни нормативни и останати претпоставки,
  • Собранието препорачува вклучување на Здружението во работните тела на институциите, надлежни во постапката за донесување на закони и други правни претпоставки, во однос на судството, како единствен релевантен партнер,
  • Собранието, заклучува дека е потребен проактивен пристап на Здружението, преку самостојни анализи на состојбите во судството и изготвување на предлог законски решенија,
  • Собранието препорачува, релевантно учество на ЗСРМ,во имплементацијата на новите законски решенија, особно по прашањата од статусен карактер (обезбедување на независни механизми за следење на работата судските органи и тела, како што се судскиот совет и судски буџетски совет, мониторирање и контрола на работата на овие органи и други прашања од интерес за судиите),
  • Во однос на сите овие прашања потребно е воспоставување на партнеритет и градење на мерки на доверба, со надлежните органи, но и креирање на препознатливи механизми за зачувување на автономијата и самостојноста при делувањето,
  • Собранието изразува загриженост за несоодветниот пристап на надлежните органи во врска со финансирањето на судството и платите и другите надоместоци на судии и ги повикува истите да превземат активности во насока на воспоставување на вистински дијалог со ЗСРМ, за изнаоѓање на соодветно решение.
  • Собранието, изразува загриженост за степенот на доверба во судството, и предлага воспоставување на релевантни индикатори за мерење на судската независност, со цел утврдување на степенот на веројатност на перцепцијата врз судството, во досегашниот и идниот период.