Македонскиот премиер во Софија за средби со Борисов и Радев

од Vladimir Zorba
106 прегледи

Премиерот на Македонија, Зоран Заев доаѓа денеска во официјална посета на Бугарија, каде ќе се сретне со бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателот Румен Радев.

Софија е втората европска престолнина откако Брисел, во која македонскиот лидер доаѓа на посета, откако официјално ја презеде функцијата.

Заев вели дека од Софија, која на 1 јануари 2018 година ќе го преземе ротирачкото претседателство на ЕУ, се очекува добра соработка и поддршка за евроатлантските амбиции на Скопје. Според него посетата на соседните земји, како и на европската престолнина Брисел, зборува за засилени активности за забрзување на движењето на Македонија за полноправно членство во НАТО и ЕУ со помош на пријателите од ЕУ и соседните земји.

По изборот на новата македонска влада, бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека Софија и Скопје ќе работат за заздравувањето на добрососедските односи и за приближувањето на Македонија кон членството во ЕУ и НАТО.

Целта на посетата на Бугарија, како што изјави вчера вицепремеирот Бујар Османи, кој е дел од владината делегација, е во насока на отстранување на пречките на патот на евроинтеграциите.  – Патуваме во Бугарија, земјата која ќе претседава со ЕУ. За да бидеме високо на нивната агенда при претседавањето, но и да ги решиме билатералните отворени прашања со нив, изјави Османи.

И бугарскиот премиер Бојко Борисов, по изборот на новата македонска Влада, изрази  уверување дека Софија и Скопје ќе работат за зацврстување на добрососедските односи и за приближување на Македонија кон ЕУ и НАТО.

Средбата на премиерите Заев и Борисов, како што јави известувачот на МИА, ќе се одржи во зградата на Министерскиот совет. Покрај тет-а-тет средбата на двајцата премиери, предвидени се и пленарни разговори на делегациите во чиј состав од македонска страна се и вицепремиерот Османи, министрите за надворешни работи Никола Димитров, за транспорт и врски Горан Сугарески и за култура Робeрт Алаѓозовски. Во бугарската делегација, пак, ќе бидат и вицепремиерот и министер за надворешни работи Екатерина Захариева, како и министрите за култура и за транспорт и информациски технологии и комуникации, Боил Банов и Иваило Московски.

За време на посетата, премиерот Зоран Заев ќе има средба и со претседателот на Собранието на Бугарија Димитар Главчев.

Покрај политичкиот дел, во рамки на официјалната посета, Заев утре во Софија ќе има и повеќе економски средби меѓу кои и со бугарската министерка за енергетика на Теменушка Петкова, на која ќе присуствува и министерот Сугарески.

Предвидени се и одделни средби меѓу министрите од Република Македонија и нивните колеги од Бугарија