За првпат сум во Вевчани и уште на прв поглед се вљубив во овој живописен крај, кој многу ме потсетува и ми ги навраќа спомените на моето родно Конавле, крај Дубровник, Далмација – изјави кралицата на хрватските шансони, Тереза Кесовија, на отворањето на осмата ликовна колонија „Вевчански видувања“.
– Природата, луѓето и сè останато е преубаво. Толку убава и боженствена природа. Имам некое посебно чувство, сето ова е еден благодет, рај, баш е многу убаво – додаде Кесовија.
Кесовија која зад себе има 56-годишна плодна музичка кариера, воопшто не го криеше задоволството што после подолга пауза, повторно е во Македонија, потсетувајќи се на бројните настапи кои ги имала во времето на поранешна Југославија.
Рече дека ситуацијата на музичката сцена во минатото била поинаква. За да се стане пејач морало да се има глас и талент, повеќе се обрнувало внимание на квалитетот отколку на квантитетот.
Тука незаобиколно Кесовија го спомена Тоше Проески, нивната прва средба во Порторож и поканата да гостува на фестивал во Дубровник со кој таа раководела.
– Тогаш тој прв пат дојде во Хрватска и настапи на фестивалот, па од тогаш тој негов бескраен Божји талент се развиваше. Едноставно и денеска не можам да верувам дека го нема. Тоа беше еден млад човек кој можеше од една мала Македонија да отиде во светот и да направи светска кариера, истакна Кесовија.
На свеченото отворање на Меѓународната колонија, формирана пред една деценија од првиот претседател на самостојна Македонија, како “Фондација Киро Глигоров” учество зедoa 30-на реномирани уметнички имиња од земјава и странство.