Болницата „8ми Септември“ бара итно вработување на медицински сестри

од desk3
174 прегледи

Празни болнички ходници и соби, затворени шалтери, испразнети хируршки сали. Оставена апаратура – некогашната воена болница која важеше за еден од поголемите медицински центри зјае празна. Четири хируршки сали и три одделенија веќе шест месеци не работат поради недостаток на медицински персонал.

„По природен пат одат во пензија, голем дел од инструментарките се во странство или во приватните болници, ние бевме принудени да затвориме три одделенија, едно одделение од групата на интернистички одделенија со 32 кревета, да затвориме уште едно одделение од хируршките групи и да го преместиме кожното одделение на инфективно, зошто ниту едното, ниту дугото немаше можност да ги исполни капацитетите поради недостаток на кадар“, изјави д-р Сашо Стојчев.

Директорот на болницата д-р Сашо Стојчев вели дека итно се потребни медицински сестри и друг персонал за да може да се врати нормалниот тек на работата. Во предизборието беше сопрен огласот за вработување на 60 медицински сестри. Оттогаш состојбата е уште поалармантна.

„Не знаеме зошто тоа така се направи, сметаме дека одреден процент од овие апликации, имаше голем број сестри кои сакаа од приватните да преминат кај нас, можеби и тоа е една од причините зошто се сторнираше овој конкурс“, изјави Сашо Стојчев.

Во меѓувреме се зголемува листата на чекање на пациенти на кои им е неопходен медицински третман, па мораат спас да бараат по приватните болници што ги чини и време и пари. Обемот на работа на лекарите е неколкукратно зголемен, но тие не можат да ги покријат сите прегледи.

Министерот за здравство Таравари е запознаен со состојбата. Веќе утре ќе оствари средба со директорот на болницата и ќе бараат заедничко решение за вработување на нови кадри. Состојбата во здравството ќе претрпи ревизии и за еден од капиталните објекти – Клиничкиот центар за кој владата донесе одлука за спроведување на ревизија на договорот за изградба кој екс министерот Никола Тодоров го склучи неколку дена пред да ја напушти функцијата./24Вести