Британски научници ја обелоденија „пропагандата“ во социјалните мрежи

од Vladimir Zorba
80 прегледи

Бран дигитална „пропаганда“, која главно доаѓа од Русија преку автономни компјутерски програми – ботови – шири лажни информации, за да се манипулира со јавното мислење во целиот свет.

Тоа го покажа едно британско истражување презентирано во Вашингтон. Студијата на Окфордскиот универзитет откри користење ботови на социјалните мрежи, за да се влијае врз политиката во девет земји: Бразил, Канада, Кина, Германија, Полска, Тајван, Русија, Украина и САД.

„Пропагандата преку компјутери е едно од најмоќните нови средства против демократијата“, пишуваат авторите на истражувањето Фил Хауард и Семјуел Ули, кои откриваат дека трагите од овие напади доаѓаат главно од Русија, но и од Кина или од земјите што се цел на оваа пропаганда.

„Има една зграда во Санкт Петербург (Русија) со стотици вработени и милиони долари буџет, чија мисија е да се манипулира јавното мислење во одредени земји“, ги прецизира деталите Филип Хауард за време на неодамнешната презентација на студијата пред медиумите.

„Руските техники, на пример, опфаќаат дистрибуција на бројни контроверзни објави,“ рече Хауард. „Станува збор за сеење на збунетост. Не станува збор нужно за ширење лажни информации, туку за придонесување луѓето да станат толку рамнодушни кон политиката што веќе нема да сакаат да се вклучат во неа“, рече Семјуел Ули.

Екипата анализирала десетици милиони објави на седум социјални мрежи за време на избори, политички кризи или различни „инциденти“ поврзани со националната безбедност. Во САД истражувањето проценува дека ботовите имале влијание за време на претседателските избори во 2016 година. „Армија ботови што следат, преобјавуваат на Твитер или ги одобруваат Фејсбук публикациите на одреден кандидат, го легитимираат дополнително и тој изгледа поддржан повеќе отколку што навистина е“, пишуваат авторите на истражувањето.

Наводното влијание на Русија во американските избори, која беше осомничена дека го фаворизирала Доналд Трамп на штета на соперничката Хилари Клинтон, е во основата на скандалот во САД за истрагата на можен договор меѓу руските власти и изборниот штаб на Трамп, кој самиот е многу активен на Твитер.

По изборот на Трамп, Фејсбук објави голем број иницијативи за да соработува со медиумите и да го ограничи ширењето лажни информации, посочува АФП.