Специјалната обвинителка Катица Јанева потврди дека во новите обвиненија кои ги покрена ова обвинителство пред истекот на рокот за покренување обвиненија, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ќе биде побаран притвор.

Јанева рече дека сметаат оти случаите се добро поткрепени со докази и дека обвинетите ќе излезат пред лицето на правдата, а од судот очекува случаите да ги процесуира итно, односно уште во следните 24 часа.
Според материјалите поделени на новинарите на прес-конференцијата, Јанева има решенија за непреземање на кривично гонење за 6 лица, наредба за запирање на истражна постапка за 9 лица, наредба за прекин на истражна постапка за 3 лица и дури за 18 лица се бара притвор, а за 47 лица мерки за претпазливост.
За случајот „Титаник“ тимот на Јанева бара притвор за Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.
Обвинителството побарало притвор за вкупно 18 лица, а меѓу нив е и уредникот на телевизија Сител, Драган Павловиќ- Латас кој е обвинет во случајот „Тотал“.