
До последен момент подготовките за прошталната церемонија за збогување со германскиот политичар Хелмут Кол беа нарушени од скандали – како во семејството, така и од политички свет и покрај тоа што во организацијата учествуваа канцеларката на Германија Ангела Меркел ии претседателот Франк Валтер Штајнмајер.

Скандалите почнаа со одлуката на вдовицата Мајк Кол-Рихтер прошталната церемонија да се одржи во Франција, а не во Германија. Таа се спротивстави и на тоа Ангела Меркел да држи говор за време на испраќањето на Хелмут Кол, но на крајот се помири со нејзиното учество.

Не помал скандал предизвика и одлуката на постариот син на Хелмут Кол да не присуствува на погребот на својот татко. Тој најави дека ќе го стори тоа како форма на протест дека Хелмут Кол нема да биде погребан во фамилијарна гробница во Лудвигсхафен, каде е положена првата сопруга на политичарот – Ханелоре Кол. Хелмут Кол, кој е сметан за еден од најголемите политички фигури на повоена Германија, е роден во 1930 година и почина на 16 јуни. Тој беше на чело на владата од 1982 до 1998 година – најдолго од кој и да е друг. Десетици политичари од целиот свет се собраа денеска во Стразбур, за да се простат со Хелмут Кол, кој вечерва треба да биде погребан во Шпајер.
