Во Музејот на град Скопје на 03 јули, во 20.30 часот ќе биде отворена изложба на слики со наслов „Резонантна фреквенција“ на Венко Цветков, додека на Плоштадот „Карпошово востание“ (алтернатива Музеј на македонската борба за државност и самостојност), во 21 часот, вокално-инструментален концерт ќе одржи Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“.

Ликовниот уметник Венко Цветков е роден 1955 година во Штип. Академија за ликовни уметности завршил во Љубљана, 1984 год. Живее и работи во Скопје. Досега имал повеќе самостојни изложби во Националната галерија на Македонија во Скопје, но и во Македонскиот културен информативен центар во Софија, Р. Бугарија.
„После десетина години во еден убав сплет на околности и со средбата со Дирекцијата за култура и уметност се направи спој на идеи од кои произлезе изложбата со интригантен наслов ’Резонантна фреквенција‘“, рече авторот Цветков во најава на изложбата.
„Имајќи ги предвид неговите искуствени позиции можно е детектирањето на неговата теза, конципирана како своевидна проектна замисла базирана, пред сè, на релативно свежите теории во физиката опфатени и дефинирани како ’резонатна фрекфенција‘, а во релација и со ’византиската каденца‘.
Венко Цветков се води според познати предлошки со возбудлив процес на интерпретација на избраниот мотив доближувајќи ја поетиката на визуелната појавност, која што, всушност, е обид за максимално скратување на патот до приказната. Парадигмата на овој пристап парадоксално, со нитки на лукавство, го оживува интересот насочен кон аурата, кон ’ликовите‘ од овој стриповски концепт, концентриран врз емоции предизвикани од релевантни глетки што се појавуваат како мамки за гледачот. Филозовскиот аспект што го води кон овој начин на размислувања е базиран врз мислите на Берксон, Ниче, Сартр, Жижек итн.
Автеничноста на овие таинствени ’мурали‘ се темели врз веќе забележаниот обид да се спои актуелното со ретроградното – со уметноста (иконографијата) од далечните епохи (конкретно со византиската уметност). Ваквиот чин како да ја елиминира директно потребната комуникација со гледачот, иако структурата внимателно вообличена, без значајно шифрирани претстави, се движи во распон од раскажувачкото до навидум спектакуларното визуено пренесување.
Поаѓалиштето на Цветков во градбата на овој своевиден сценски проект е глетката со ’монументални‘ величини и богати алузивни моменти, втопени во парадигмата не само како детали, туку и како определена лавиринтска мрежа на надворешната односно внатрешната реалност. Спротивставувањето на понудените глетки предизвикува и асоцијативен низ на ирониски игри со перцепцијата и новите сознанија на нашето време. Тие и го симулираат протокот според клучните импулсивни визуелни оркестрации со неверојатна меланхолична рамнотежа“, напиша Марика Бочварова Плавевска за творештвото на Цветков.
Ансамблот „Танец“ претставува симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура веќе шест децении, културен амбасадор кој несебично ја презентира и споделува богатата македонска традиција во земјата и во светот. Веќе шест децении „Танец“ со своите уникатни носии со кои настапува претставува вистински подвижен историски музеј на македонското материјално и нематеријално културно наследство. Наследство, кое како и народниот вез е длабоко врежано во потсвеста на секој Македонец.
„Танец“ има учествувано на над 4.500 концерти и подиуми во земјата и во светот пред околу 8 милиони гледачи. Репертоарот на „Танец“ го сочинуваат најубавите игри, песни и оркестарски дела, како што се: „Невестинското“, „Тешкото“, „Комитско“, „Чифте Чамче“, „Осоговка“ и многу други бисери на македонското народно творештво.
Театарската претстава „Отело“ од Вилијам Шекспир во режија на Дејан Пројковски и во изведба на Турски театар – Скопје место на 03 јули ќе биде одиграна на 06 јули во објектот на Театар Комедија, известија од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.