Побарано преиспитување на казната за „бомбашот од Локерби“

од desk2
91 прегледи

Семејството на Либиецот Абделбасет ал Меграхи, познат како „Бомбашот од Локерби“, денеска и формално поднесе барање за преиспитување на неговото обвинение и пресуда, пет години откако тој почина од рак.

Адвокатите на семејството поднесоа вакво барање до шкотската Комисија за преразгледување на кривични случаи во Единбург. Оваа комисија треба да утврди дали има основа целиот случај Меграхи да му се префрли на Апелациониот суд на Шкотска, кој би расправал по жалбата на семејството.

Во 2002 година, Комисијата го одби ваквото барање на осудениот, а во 2007, кога тој имаше одново можност да го покрене својот случај, немаше барање, затоа што во тек беше постапка за негово ослободување поради здравствени причини.

Меграхи беше осуден од тројца шкотски судии на специјално уреден суд во воена база во Холандија, на 27 години затвор за поставување бомба во багажниот простор на патничкиот авион на американската компанија „Пан Америкен“.

Во експлозијата, што се случи на крајот од декември 1988 година над шкотското место Локерби, загинаа 270 лица, патници во авионот и луѓе на земјата врз кои паднаа делови на леталото.

Авионот леташе на редовната линија Лондон-Њујорк и најголем број од патниците беа Американци, главно воени лица, кои патуваа дома за Божик и Нова година,

Меграхи, кој беше оперативец на либиското разузнавање, беше единствен осуден, иако тој се до својата смрт тврдеше дека не е виновен. Затворската казна ја издржуваше во Шкотска, од каде и беше ослободен во авуст 2009 година, откако лекарите утврдија дека е неизлечиво болен. Тој почина во Триполи во 2012 година.