Со усвојувањето на Акцискиот план 3-6-9 за итните реформски приоритети Владата прави чекор за сериозен пробив кон евроатлантските интеграции по долгиот застој, истакна на денешната прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев.

– Планот 3-6-9 отвора перспективи на Република Македонија кон ЕУ и НАТО кои значително ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните, рече Заев.
Тој појасни дека именувањето на планот 3-6-9 всушност ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест, девет месеци. Според него, целта е до локалните избори закажани за октомври годинава, Владата да ги испорача првичните резултати, до декември да биде отстранета условената препорака, а до наредниот извештај на ЕК на пролет следната година Македонија да добие и датум за почеток на преговорите.
– Најавуваме демократски Парламент, реформи во судството, медиумите, борбата против корупцијата, реформи во јавната администрација, во изборното законодавство, според препораките на ОБСЕ и ОДИХР, кохабитација со претседателот на државата… Ќе соработуваме и со граѓанското општество, со кое имаме намера да водиме дијалог кој ќе биде транспарентен, рече Заев.
Премиерот истакна дека е потребна соработка и од опозицијата, која треба истовремено да биде надзор и коректив на планот.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, посочи дека правецот на реформите произлегува од владината програма, која предвид ги има земено точките од Договорот од Пржино, препораките од Брисел во однос на итните реформски приоритети и претходните извештаи на Европската комисија. Тој истакна дека во првата група мерки е предвидено зајакнување на капацитетите и на работата на ДИК, коишто произлегуваат од препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија.
– На краток рок мерките ќе се фокусираат на поддршка на ДИК и на внатрешна консолидација и зајакнување на нивните капацитети, а во контекст на подготовките на локалните избори, вклучително и на ажурирање на избирачкиот список, едукација на изборната администрација и на гласачите – рече Османи, додавајќи дека ќе има санкционирање на директорот на МРТ доколку со следниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР се констатира небалансирано известување.
Тој најави дека реформите што се однесуваат на Собранието на Република Македонија, ќе бидат насочени кон тоа Владата да дава поддршка на враќање на демократскиот амбиент во парламентот преку политички дијалог и соработка со партиите, особено со опозицијата.
Во однос на имплементацијата на Охридскиот договор, Османи најави дека до локалните избори треба да се усвои и законот за јазиците, кој ќе биде доставен до Венецијанската комисија заради консултација.
Со реформскиот план се предвидува реформа на јавната администрација, како и реформи во судството, во кои спаѓа и укинување на законот за Советот за утврдување на факти и дисциплинска одговорност на судии, формирање на работна група за законот за изменување и дополнување на Законот за судии и на Законот за судскиот совет, формирање на совет за спроведување на реформите во правосудството, целосна институционална поддршка на СЈО, подготвување измени на законот за укажувачи, како и носење нов закон за заштита на сведоци.