(ВИДЕО) Промашена и трасата на експресниот пат Градско-Прилеп, застои и неисплатени плати за работниците

од Vladimir Zorba
167 прегледи
По двата автопати, сега проблематична е изградбата и на експресниот пат Градско – Прилеп. Проблеми со трасата, слични на оние на делницата Охрид – Кичево и Mиладиновци – Штип, но и ненавремена исплата кон изведувачот ги успоруваат градежните работи.
Телевизија 24 денеска беше на терен, да провери како се одвива изградбата на оваа делница. Работници можат да се забележат на потегот од селото Дреново кон Фариш. Токму тоа е првата траса кој ја гради шпанската фирма „Конструксионес Рубау„.
Дека има проблеми, денеска потврди и министерот за транспорт, Горан Сугаревски, кој вчера се сретнал со амбасадорот на Шпанија во земјава и претставниците на шпанскиот изведувач.
„Очигледно е дека луѓето кои го градат патот на средбата со шпанскиот амбасадор и со мене ни беа предочени проблемите во проектот и исплатата на средствата од Јавното претпријатие за државни патипта да исплати.“, вели Горан Сугарески – министер за транспорт и врски.
Додека ги снимавме овие инсерти, разговаравме со некои од работниците, кои потврдија дека изведувачот им доцни со платите, но и дека работите застанале поради забрана за минирање кај Дреновската клисура. Тука во период од март до септември се размножувале редок вид орли, па екологистите се плашеле дека ќе им го нарушат мирот.
Од македонски патишта демантираат дека имаат проблеми со парите, но потврдија дека постои мал застој во работата.
„Проблемите што се појавија при изведба на проектот се однесуваат на отворање на неевидентирани археолошки наоѓалишта на три локации, за кои националниот конзерваторски центар издаде решение за времен прекин на градежните работи. Забраната се однесува на 15% од вкупната должина на трасата на едно одлагалиште. Исто така, се појавија проблеми од гео-техничка природа на неколку темели. Рокот на изведба се очекува да се продолжи поради забрана за гласни работи во дреновската клисура, кои се однесуваат на заштита на животната средина, гнездење на египетските мршојади во период од 15 март, до 15 септември, забраната поради отворените археолошки наоѓалишта, исклучително студената зима и обилните дождови.“, вели Александар Стојанов, директор на ЈП македонски патишта.
Експресниот пат Градско – Прилеп почна да се гради лани. Ќе чини вкупно 305 милиони евра, пари кои владата ги подигна како заем од Европската банка за обнова и развој. Претходната влада најавуваше дека ќе биде готов за три до четири години./извор ТВ24