Во рамки на Кабинетот на премиерот и на Генералниот секретаријат на Владата се прави сектор за информации и односи со јавност во кој треба да учествуваат 40 луѓе, според министерот без ресор, задолжен за комуникации Роберт Поповски.

Одговарајќи на прашања на присутните министерот Поповски објави дека во рамки на Кабинетот на премиерот и на Генералниот секретаријат на Владата се прави сектор за информации и односи со јавност.
– Тоа е тим на луѓе што би требало да брои околу четириесет луѓе поделени во шест одделенија и коишто би требало да овозможат начин на комуникација по принципот на најсовремените форми на комуникација во европските практики. Овој тим лесно ќе соработува и со оние сектори во министерствата, а можеби и во побитните буџетски установи и претпријатија ќе има такви мини одделенија, бидејќи е неопходно граѓаните да знаат како функционираат на пример Управа за приходи итн. Овој тим ќе има двојна улога да ги презентира политиките на Владата, на кабинетот на премиерот и на министрите и исто така да комуницира тесно помеѓу себе, но и кон граѓаните, рече министерот Поповски.
Овој тим, како што кажа тој, треба да го подготви целиот пакет мерки за комуникација со граѓаните.
– Редовни неделни брифинзи со новинарите, достапност на веб-страниците, граѓаните да можат да се информираат за начинот на работа на институциите, но и за трошењето на буџетските пари. Ќе работиме максимално отворено, не само тендерските постапки, ќе бидат објавувани и договорите од тендерите јавно и транспарентно, освен оние што се деловна тајна, рече Поповски.