Собраниската Комисија за европски прашања на денешната седница ја почна расправата за Планот „3-6-9“, а дневниот ред се дополни со Декларација за забрзување на реформите и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО, чиј текст, како што рече претседателот на комисијата Артан Груби, е усогласен со консензус.

Планот „3-6-9“ пред пратенците и членовина дипломатскиот кор го образложи премиерот Зоран Заев, а свои обраќања имаа и претседателот на Собранието Талат Џафери и вицепремерот за евроинтеграции Бујар Османи.
Премиерот Заев посочи дека Планот „3-6-9“ во себе носи отворени и реални перспективи за Република Македонија и за сите нејзини граѓани кон ЕУ и НАТО и во исто време сериозно подигнување на вкупниот квалитет на животот на сите граѓани. Договорот е подготвен отворено инклузивно и со сите засегнати страни.
– Планот е патоказ со јасни главни цели кои треба да ги оствариме на патот на нашите евроатлански аспирации. Овој план и неговото остварување ќе потврдат дека Република Македонија претставува почитувана држава. На состаноците во Трст бев уверен дека процесите ќе бидат забрзаи доколку ние сите како политички елити на граѓаните на Република Македонија влеземе во колку што е можно поголема согласност за постигување на нашата цел утврдена со Планот „3-6-9“, рече Заев.
Тој нагласи дека од најголем дел од лидерите присутни на Самитот во Трст Македонија добила целосна поддршка, а тој како што кажа, им порачал дека постои политичка волја и во Собранието и во Владата да се поддржи и прифати агендата за поврзаност на регионот, бидејќи значи шанса за напредок на Македонија и на сите земји од Западен Балкан.
– Собранието има многу важна и одговорна улога во реализацијата на овој наш реформски план затоа апелирам за соработка и подавање на рака за да се вградиме сите во планот со свој поеиднечен и колективен придонес. Не бараме од опозицијата да прифати се, но бараме да учествува, да дава идеи и да биде конструктивен партнер, а од мнозинството очекувам да има разбирање за сугестиите кои доаѓаат од опозицијата, рече Заев и додаде дека успехот на крајот ќе биде заеднички за сите.
Побара да се заборават партиските интереси во името на целите на планот, кој, како што кажа, ќе биде од корист за сите граѓани од земјава. Во првите три месеци, потенцира, сакаме да го реализираме првиот пакет реформи со цел да се обезбеди аргументација за ЕК да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.
– За шест месеци планираме да го заокружиме вториот реформски пакет со тоа ќе пратиме силна порака до Советот на Европа дека остваривме сериозни резултати во повеќе области што ќе ја зацврсти перцепцијата за Македонија како земја кандидатка за член на ЕУ. За девет месеци заеднички да го имплементираме третиот круг на реформи и до следниот извештај на ЕК да ги убедиме земјите членки да отпочнат постапка за утврдување на датум за почеток на претпристапни преговори за Македонија, рече Заев и додаде дека Владата е целосно отворена за соработка со сите институции на државата и со граѓанскиот сектор.
Претседателот на Собранието Џафери истакна дека сигналите кои доаѓаат од ЕУ и НАТО јасно покажуваат поактивен пристап на Брисел во насока на интеграцијата на државите од Западен Балкан, а со тоа и на Република Македонија.
– Мислам дека се наоѓаме пред еден навистина голем предизвик, а и голема историска одговорност, како пред сегашните, така и пред идните генерации, за остварувањето на нашата стратешка, а јас би рекол и историска определба, а тоа е интеграцијата во НАТО и ЕУ… Во „Планот 3-6-9“ кој што во суштина произлегува од познатиот договор од Пржино, како и од Владината програма за 2017-2020 година, има и конкретен дел со конкретни мерки кои се однесуваат на работата на Собранието на Република Македонија. Меѓу нив, има неколку мерки со кои јакне надзорната улога на Собранието врз Владата, односно извршната власт, рече Џаафери.
Нагласи дека од опозицијата очекува одговорно однесување во целокупниот законодавен процес, односно ефикасно функционирање на Парламентот.
– Според мое мислење, некои потези на опозицијата кои деновиве ги гледа целокупната македонска јавност, но и нашите меѓународни пријатели и партнери, не и помагаат ниту на парламентарната демократија, ниту на потребните реформи и на интеграциските процеси во ЕУ и НАТО. Како прв меѓу еднаквите, јас не сакам да судам, сепак, како претседател на Собранието, имам обврска да обезбедам нормално функционирање на законодавниот дом. Затоа, се надевам дека предложениот владин План познат како „3-6-9“, како и Владината програма 2017-2020, се добра основа за создавање на вистинска инклузивност помеѓу сите парламентарни политички субјекти, потенцира Џафери.
Вицепремиерот Османи истакна дека локалните избори се тест за Владата и институциите во насока на реализација на потребните реформи.
Додаде дека во првите три месеци е неопходно да се спроведат 73 мерки од кои, како што рече, само мал дел Владата може директно да ги реализира, а другите ќе зависат од институциите. Посочи дека Владата е инклузивна и целосно отворена за соработка со инститциите и со Собранието.
Нагласи дека евроинтеграцијата на земјава е надпартиска и надетничка потреба и додаде дека граѓаните нема да им простат на политичарите доколку ја пропуштат шансата што им се укажува за интегрирање на земјаво во ЕУ и НАТО.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека немаат намера да бидат против, но ни анблок да го прифатат целосно планот на Владата. Нагласи дека не е првпат да се прави ваков план и додаде дека вообичана практика било вакви планови да се прават после секој добиен Извештај од ЕК за напредокот на Македонија. Посочи дека опозицијата воопшто не била вклучена во правењето на планот што не било пракса во минатото и додаде дека Владата не го консултирала ни Собранието и само му дала насоки што треба да прави за планот, иако, како што посочи, Собранието има поголеми ингеренции од Владата и треба да е надредено, а не подредено.
Најави дека нема да ги поддржат заклучоците на Комисијата за Планот „3-6-9“, но вети целосна поддршка од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за Декларацијата но, како што посочи, тоа нема да значи и покривање на штетните политики што Владата сака да ги протне. Побара во декларацијата да се додаде и повик за почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг за блокирањето од Грција.
Димовски имаше забелешка што македонските парламентарци воопшто не биле запознаени со содржината на договорот за добрососедство со Бугарија за разлика од нивните бугарски колеги. На тоа во реплика премиерот Заев порача дека заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров е подготвен во вторник или некој друг ден да го презентира договорот на седница пред пратениците која може да биде отворена или затворена, но препорача да биде затворана заради тоа што документот се уште не е прецизиран. Вети и презентација на документот пред пошироката јавност пред да биде целосно дефиниран и потпишан. На тоа се дополни претседателот на Собранието Џафери кој истакна дека не може да закаже пленарна седница пред да му се достават неопходните материјали, а потоа со гласање ќе се одлучи дали седницата ќе биде отворена или затворена. Вицепремиерот Османи, пак, посочи дека претседателот на Собранието бил консултиран за Планот „3-6-9“.
Зеќирија Ибрахими од БЕСА оцени дека текстот на Планот „3-6-9“ е добро конципиран, концизен и прецизен.
Најави дека БЕСА има изработен предлог за уптореба на јазиците и оти ќе го пуштат во собраниска процедура кога ќе оценат дека е потребно.
Томислав Тунтев од СДСМ рече дека тоа што го ветиле во предизборието со Планот „3-6-9“ го спроведуваат во пракса. Целта на документот, додаде, е час поскоро Македонија да стане членка на ЕУ и конечно да живееме во обична нормална држава од која нема да сакаат младите да се иселат, а оние кои се иселиле ќе скаат да се вратат.