Новинари од турскиот весник Џумхуриет, критички настроен кон претседтаелот Реџеп Таип Ердоган, ќе бидат изведени денеска пред суд во Истанбул во процес кој буди тревога за слободата на печатот во Турција. 
За заштитници на човекови права тоа е процес за уништување на слободите на говорот по неуспешниот обид за државен удар на 15 јули мминатата година, по кој следуваа масовни чистки.
Вкупно 17 новинари од весникот што почнал со работа во 1924 година се обвинети за помагање на различни „вооружени терористички организации“ и им се заканува казна од 43 години затвор.
Вработените во весникот тврдат дека тоа е политички процес и целта е да биде уништен еден од последните независни медиуми во државата.
Некои од најголемите имиња на новинарството во Турција ќе бидат изведени пред суд – колумнистот Кадри Ѓурсел, новинарот Ахмет Шак, карикатуристот Муса Карт, шефот на весникот Акан Аталај и главниот уредник Мурат Сабунџу. Меѓу обвинетите е и Џан Дјундар, поранешен главен уредник на Џумхуриет, кој во 2014 година објави напис во кој се опишува како Анкара доставува оружје за исламистички групи во Сирија. Нему ќе му се суди во отсуство бидејќи се наоѓа во Германија. /МИА