Книжевна вечер „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (сага за првата македонска поетеса Даница Ручигај) вечер ќе се одржи во киното „Фросина“, во рамки на манифестацијата „МКЦ за Скопје“.
Со книжевната вечер и со други манифестации, Младинскиот културен центар–Скопје ја одбележува 54-годишнина од скопскиот катастрофален земјотрес.
Вечерта е замислена како промоција на книгите „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ и „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ на новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Искра Чоловиќ и Свето Стаменов. Книгите се посветени на првата македонска поетеса – авторка на антологиските стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и основоположничка на женското писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година.
Со овие две книги се заокружува мултимедијалниот проект посветен на Даница, кој почна со специјалната радио – емисија „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!”, што беше емитувана во пет едночасовни продолженија во текот на јули и август 2013 година на програмата на Македонското радио – Радио Скопје по повод педесетгодишнината од трагичната смрт на првата дама на македонската поезија и кој кулминираше со радио – елегијата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“.
– Овие книги се своевиден претоп на жанрот радио – емисија во книга коментари, сведоштва, критики, есеи, поезија и поезија за поезијата на најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбршливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто, истакнуваат авторите.
Книгата „Ако влегуваш во овој храм, во кој љубовта е вера, помоли се!” има повеќеслојна структура, односно е преплет на повеќе жанрови и видови литература. Содржи авторски текст – коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, сеќавања на триесетина нејзини пријатели, познаници, современици и следбеници, литературни критики, есеи, избрани стихови од нејзините две антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот”, но и песни посветени на Даница, како и податоци за проекти посветени на или инспирирани од неа. И сето тоа збогатено со ретки и оригинални фотографии на поетесата.
„Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ има три структурални делови: авторски текст – коментар кон животот на поетесата и нејзиното време, избрани стихови на авторката и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници.
Според авторите, „Ако влегуваш во овој храм, во кој љубовта е вера, помоли се!” и „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ се книги – концентрат на најважното за Даница, за она што не смее да се заборави за жената која сосема сама почна и сврте цела една страница во македонската поезија и култура воопшто. Авторите повеќе од две децении неуморно трагаат по животните и творечките врвици на Даница Ручигај, од првата македонска поетеса да биде симната копрената на намерна или ненамерна заборавеност и конечно да си го заземе местото што и припаѓа на македонското поетско небо.
Промотори на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ и „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов се проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Александар Прокопиев. Модератор ќе биде Анета Трпевска, спикерка на Македонското радио – Радио Скопје, а стиховите на Даница Ручигај ќе ги интерпретира Искра Чоловиќ. За музичкиот дел се задолжени Александар Прокопиев, Сашо Гигов – Гиш и Јаков Дренковски, аудио – дизајнот е на Бесим Кека, тон мајстор на Македонското радио и еден од бардовите на македонското аудио снимање, видео – монтажата на Софија Макриевска, а техничката поддршка на Зоран Јовановиќ.
Во рамките на книжевната вечер ќе бидат прикажани и документарните филмови посветени на Даница Ручигај „Поетот живее и по смртта“ (1993) и „Соновите не заспиваат“ (2016) на новинарите на Македонската телевизија Соња Драгољуб Гиздавиќ и Катица Трајковска – Абјаниќ.