Од утре, односно, од петок, се отвара можност да биде закажано продолжение на седницата за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски, кога завршува комисиската расправа за ребалансот на буџетот.

Според Деловникот, додека заседава матичната комисијата за ребалансот на буџетот, не може да биде закажана пленарна седница.
„По завршувањето на дебатата во матичната комиисија за ребалансот на буџетот се отвара можност од утре , па натаму свикување на седница за ребалансот на буџетот за да може да се работи на пленум по однос на оние заостанати седници, меѓу кои е дебатата отпочната за разрешување на Зврлевски“, рече Џафери и додаде дека пленарни седници може да се одржат и во сабота и недела.
Џафери на прес-конференцијата што ја одржа по повод сто дена од стапувањето на функцијата најави дека на 2 август, односно на Илинден ќе присуствува и ќе се обрати на прославата на овој празник во Крушево.
Џафери прес – конференцијата ја започна на албански јазик, а потоа продолжи на македонски јазик. Според него, тој го искористил своето уставно право како пратеник да ги користи двата службени јазици на Македонија и тоа не го смета за провокација.
Доколку тече се според предвиденото локалните избори ќе бидат распишани на 6 август, а ќе се одржат на 15 октомври. Пратениците пак ќе одат на одмор од 8 до 25 август.