Со толку пратеници и членови на ДПМНЕ кои имаат и бугарско државјанство, гласовите се скоро обезбедени. Зошто како тргнало, не треба да се пенавиме толку дали сме имале или не заедничко минато со Бугарија, туку колку станавме “еден народ” со заедничка сегашност. Се креирано и со амин на ДПМНЕ кое или избрка се од државата или присили на земање бугарски пасоши на голем дел од тие што останаа. Зошто – поседување пасош на друга држава не е само имање патна исправа!

Тоа е земање друго државјанство, право на глас во таа држава, обврска да плаќаш данок на таа држава, нејзина поддршка, заштита и изразување почит и љубов кон неа. Одлично познавање и употреба на бугарскиот јазик! Преземање свечена обврска и заколнување пред бугарското знаме дека ќе ја штитиш бугарската држава и бугарскиот народ пред сите надворешни закани (на пример, и од Македонија!).
Има неколку начини за добивање бугарско државјанство. Бидејќи никој од македонските политичари нема и жителството во Бугарија, како еден од основите за добивање државјанство, претпоставувам дека го добиле државјанството по основ за посебни заслуги за бугарската држава. Е па сега – денот за наплата дојде! И гласајте слободно!
Не е важно дали во тоа некое минато некои тогашни дејци се декларирале вака или онака. Не е важно дали јазикот и дијалектите се испреплетувале. Важно е што ова бугарско раководство ќе и остави на иднината (односно на идната историја) податоци за исклучително зголемување на бројот на бугарските државјани, за ширење на бројот на декларирани Македонци како Бугари во Македонија и во Албанија кои некои идни пратеници во македонскиот парламент декади по нас можеби низ слични дебати ќе се обидуваат да го објаснат вака или онака и ќе дебатираат дали тоа било или не заедничка историја.
Гласајте слободно и без грижа на совест. Така ќе и вратите на Македонија за она што и го направивте. Соблечете го лажниот плашт на грижа за Македонија со кој ги покривате вашите лични интереси и помогнете во последната шанса што ја има Македонија за сопствен спас и опстојување на македонската нација – а тоа е забрзано членство во ЕУ. Без тоа ќе ја нема државата, ќе ја нема нацијата, ќе го нема јазикот, па ќе не нема ни нас, или она што остана од нас.
Имајте го ова на ум кога ќе се дебатира и за односите со Грција, па и со другите држави од соседството. Просторот за маневар на Македонија го скусивте. Ја обезличивте. И го сменивте идентитетот и се обидовте да наметнете фалсификувана фасада на држава урнисана, клекна тоа на нозе, покрадена, остарена и без инфузија од млади и образовани луѓе кои заминаа.
Гротеската што ја создадовте служи за потсмев. Исправањето на она што го сторивте ќе биде тешко, долго, болно и скапо. Така – држете го цврсто тој бугарски пасош кога ќе гласате (на повеќето, македонскиот и онака ви го одземаа). И гласајте “за” не зошто морате. Гласајте “за” за да вратите назад нешто на државата и на народот и да дадете шанса барем за нешто од она што го посакувате за себе и за своите семејства кога побаравте бугарски пасош и се деклариравте “Бугари” при тоа.
Елеонора Каранфиловска Ретклиф