
Телеграф – Белград
Ако мораш да голтнеш жаба, немој многу да ја гледаш, голтни ја веднаш. Ако мораш да голтнеш неколку жаби, прво голтни ја најголемата, рече во 2002 година Зоран Ѓинѓиќ, тогашен премиер на Србија, соопштувајќи им на граѓаните што се ги чека на патот до подобар живот.
Тој својот пат го заврши многу рано, токму во моментот кога го најави решавањето на проблемот со Косово и Метохија. Постојат многу метафори со кои во српскиот јазик се опишува КиМ, но наместо описи ни требаат дела.
Се чини дека тоа е токму идеја водилка на претседателот Александар Вучиќ. На почетокот на својот мандат тој повикува на поширок дијалог за да ја разбистри главата и во иднина да настапи многу посериозно, а пред се поодговорен и пообјективен, кога е во прашање Косово и Метохија.
Од 2003 година донесени се 13 резолуции, декларации, платформи, планови, а сите влијаеа или на внатрешното гледање на Косово или на дијалозите со другата страна. Повеќето од нив завршија како мртва буква на хартија и не се ни спомнуваат, а настанаа како резултат на актуелното мерење на политичките сили било во Собранието, Владата или во Претседателството на Србија.
Кога за нешто ќе се каже дека е „најскап српски збор” или „света српска земја”, тогаш е јасно колку вредност Косово и Метохија има за Србите. Иако понекогаш забораваме, Косово и Метохија се запишани во генетскиот код на сите нас.
Меѓутоа, за да се шири тој генетски код и натаму, за да се раѓаат деца и што е поважно да останат тука или да се вратат на вековните огништа, мора да се создадат општествени и економски предуслови.
А за нив е потребно да се ослободиме од мртвата буква на хартија, од митовите и легендите и со трезвени глави да сфатиме што сакаме во иднина. Да примениме реална политика, која ќе биде поддршка на економијата и секој иден развој на државата.
Кога ќе дојдеме до национален консензус, полесно ќе дојдеме и до патот на политичка соработка и економски развој, но и до вратите на ЕУ. Во спротивно, ќе се наоѓаме во состојба на замрзнат конфликт, кој секој момент може да ескалира и експлодира.
Токму затоа, време како народ да престанеме како ној да ја забиваме главата во песок и да бидеме реални, како што напиша претседателот Александар Вучиќ. Како што додаде тој, ни треба одговорен и сериозен пристап, храбар и реален, но со поглед во иднината.
Во таа смисла круцијално е важен неговиот повик за што поширок дијалог за Косово, токму на почетокот на неговиот петгодишен мандат за кој над два милиона граѓани на Србија му дадоа поддршка. Веројатно најважната работа на неговата политичка кариера и историска шанса на нашата генерација е на своите деца да им обезбедиме чиста прилика и шанса за иднина.
– Апсолутно ја поддржувам иницијативата на претседателот Вучиќ. Мислам дека тоа е единствено прашање кое тлее во нашиот народ веќе со децении, вели за „Телеграф“ проф. Михаило Црнобрња, претседател на Европското движење во Србија.
Тој вели дека е паметно да се соочиме со состојбата.
– Се треба да се разгледа и геополитички и локално и меѓународно и да се најде решение кое ќе стави точка на децении и децении на судири, рече Црнобрња.
Според зборовите на Јакша Шкекиќ, долгогодишен новинар и уредник во домашните и странските медиуми, еден од основните недостатоци на политичкиот живот во Србија е што не постои сериозен дијалог за круцијални теми. Во таа смисла вели дека иницијативата на претседателот Вучиќ е повеќе од добродојдена.
– Србија наместо со зурлите, тапаните и жестоката реторика конечно треба да го земе пенкалото в рака и полека да анализира, не само кои биле грешките во минатото, туку што сакаме во иднина, заради иднината на нашите деца и новите генерации, вели Шчекиќ за Телеграф.
Тој додава дека кај Вучиќ гледа оти тој настапува еден чекор понапред, бидејќи има иницијатива, со што не дозволува настаните да го стигнат и шамараат, што беше состојба која ни се случува од 90-тите години па наваму.
– Србија треба полека, со мирна глава да види што, каде и како. Да се стави на вага, што се предностите, а што се недостатоците, што е иднината, а што за мене е поважно имаме ли право да ја жртвуваме иднината на новите генерации на Србија, изјави Шчекиќ.
Инаку, повикот на претседателот Вучиќ на широк општествен дијалог за Косово, кој ќе почне во септември, подготвени се да го прифатат САНУ, СПЦ и дел од опозицијата.
– Претседателот на Републиката би направил чест на САНУ ако ги покани членовите на Академијата да изнесат свое мислење за теми поважни за нашето општество, па така и за КиМ, рече Анѓелковиќ за „Новости”.