Владејачката СДСМ очекува убедлива победа на денеска распишаните локални избори, што треба да се одржат на 15 октомври.

„Го поздравуваме денешното распишување на локалните избори. Очекуваме убедлива победа на нашите кандидати за градоначалници и листи за советници, во интерес на граѓаните. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за локалните избори што по пр омената на централната власт, ќе донесат промени и на локално ниво“, изјави Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието.
Според него, поддршката што граѓаните ја даваат на СДСМ и проектите што носат живот за сите, секојдневно расте. Тоа е видливо и од нашите секојдневни средби со граѓаните и од општата атмосфера на слобода што владее во изминатите два месеца.
„Со победата на СДСМ на претстојните локални избори, започнатиот процес на реформи и ослободување ќе продолжи и на локално ниво. По промената на локалните власти целосно ќе запре партизацијата и заробеноста на инстутициите на општинско ниво, што денес во голем број се заробени и партизирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанската опција предводена од СДСМ носи нови вредности и нови придобивки.Општините ќе работат за граѓаните и олеснување на нивниот живот. Граѓаните во центарот на вниманието и решавање на нивните проблеми и на локално ниво ќе биде реалност“, рече Тунтев.
Тој ги повика сите учесници во изборниот процес да се однесуваат одговорно и со нивното дејствување да придонесат во одржувањето фер и демократски избори.
„Очекуваме дека надлежните институции за организација на изборите ќе бидат подготвени ефикасно и професионално ќе одговорат на предизвикот за организирање на фер, слободни и демократски избори што во целост ќе ја рефлектираат волјата на гласачите“, рече Тунтев.