Албанските опозициски партии, БЕСА и ДПА остро се противат на предлог-законот за употреба на јазиците кој Владата го усвои завчера, информира АлсатМ.
Според Движењето БЕСА и по 27 години независност на Македонија и 16 години од Охридскиот договор, албанскиот јазик не се официјализира целосно, туку само се врши унапредување во соодветни институции.
Од оваа партија ја обвинуваат ДУИ дека постојано ги мами граѓаните со празни ветувања. Во меѓувреме, најавуваат дека следните денови ќе објават јасна анализа што предвидува предлог-законот за албанскиот јазик.
„Тоа што е на прв поглед, тоа што се гледа и нема како да се скрие е дека со овој предлог за Албанците останува нереализирана аспирацијата која отсекогаш ја имале во овие краишта и во претходниот систем, но и во овој, 27 години, албанскиот јазик да биде целосно службен јазик“, рече Фадил Зендели- Движење Беса.
Во меѓувреме, од ДПА преку писмена реакција оценија дека предлог-законот за јазиците не е ништо друго освен предизборен маркетинг на владејачките партии. Од ДПА велат дека со овој закон продолжува да се лаже албанската јавност, како што беше измамена во 2008 и 2011 година.
ДПА:
„Ова е стара измама која сакаат да ја продадат како нов успех. ДПА оценува дека и овој предлог-закон, во ниту една околност не го прави албанскиот рамноправен со македонскиот јазик, напротив само ја легитимира јазичната дискриминација кон Албанците. Само законот за реализирање на рамноправната на јазиците и службените натписина РМ, кој го предлага ДПА, го решава прашањето со официјализирање на албанскиот јазик.“
Против предлог-законот се изјасни и ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека станува збор за противуставен закон./извор АлсатМ