Неколку телевизи се најдоа на листата на Управата за јавни приходи за неплатени даноци, а најмногу должи Македонската радио телевизија која има неплатени обврски од 1,7 милиони евра.

Алфа ТВ, пак должи 98.000 евра за ДДВ. Телевизија Нова, во сопственост на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен од СЈО, пак на државата и должи 19.000 евра за неплатен данок на додадена вредност и неплатен данок на добивка, објави УЈП.
Втор најголем должник од вкупно 4.539 фирми и граѓани кои се најдоа на листата, е Јавното претпријатие за заштита и одржување на регионалните и магистралните патишта „Македонија пат“ кое има неплатени обврски од 7,4 милиони евра. Владата на претходната седница одлучи да одвои 2,4 милиони евра за даго помогне работењето на ова претпријатие.
Јавното претпријатие МЖ Инфраструктира пак должи 756 илјади евра за данок на додадена вредност.
И Македонската опера и балет, со која до неодамна управуваше оперскиот пејач Игор Дурловски има долг од 32.000 евра.
Од општините најмногу должи Општина Карпош, или 144.000 евра. Градоначалникот, Стевче Јакимовски, најверојатно ќе побара уште еден мандат од граѓаните во оваа општина. Охрид на Никола Бакрачески должи 30.000 евра, а Општина Дојран 7.000 евра.
Меѓу должниците кон УЈП се и комуналното јавно претпријатие во Тетово, гостиварското јавно претпријатие Комуналец, како и Јавно претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во соопственост на Република Македонија.
Од компаниите пак најголем неплаќач на даноци според листата на УЈП е „Отекс“ од Охрид со долг од близу 1,2 милиони евра.
На листата се уште стојат фирмите „Ел Дон Кастило“, „Индустрија Ел Азтека“ како и „Мотор Коач индустрија интернационал“.
„Хедис маркетите“ на Велија Рамковски се уште должат 2,2 милион евра данок.