По четири часа распит во СЈО, Љупчо Палевски вчера ги напушти просториите на СЈО заедно со својот адвокат. Тој влезе во приватно возило и на излегување од СЈО не сакаше да застане пред камерите и да даде подетални информации зошто, речиси, цел ден беше задржан во полициска станица, а потоа околу четири часа беше на распит во СЈО.
Накусо влегувајќи во својот автомобил Палевски само кажа дека бил повикан во врска со предистражна постапка која како што рече е тајна и поради тоа не може да соопшти повеќе детали на јавноста.
Инаку, Љупчо Палевски, бизнисмен и поранешен партиски функционер на СДСМ беше повикан и во полиција и на распит во СЈО поради тоа што неговото име се врзува со прислушуваните разговори, односно приватните разговори кои што беа објавени на „јутјуб“ под корисникот „Никола Тесла“.
Станува збор за приватни разговори на политичари и новинари меѓу кои и на новинарката Оливера Трајковска, новинарот Драган Павловиќ – Латас и Ивона Талевска.
Помеѓу политичарите чиишто глас се слушаше на овие приватни разговори кои што беа објавени на „јутјуб“ беа и поранешната пратеничка на ДУИ Ермира Мехмети, потоа Муса Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети како и лидерот на ДПА Мендух Тачи.
Кога овие разговори се појавија на „јутјуб“, Катица Јанева ги повика оштетените да пријават во СЈО и таа поведе истражна постапка во врска со тоа, како овие приватни разговори завршиле на социјалната мрежа./извор ТВ24