Лидерот на Алијансата за ново Косово (АКР), познатиот бизнисмен Беџет Пацоли денеска повика на формирање влада на национално единство на Косово.

– Денес, како никогаш досега сум уверен дека мојот предлог за формирање влада е најдобар. Треба да се организира тркалезна маса на сите албански парламентарни партии, напиша Пацоли на својот профил на Фејсбук.
Според него, формирањето влада на националното единство е неопходно, бидејќи пред Косово претстојат „реформи по прашањата за демаркацијата, либерализацијата на визниот режим и новиот изборен законик“.
Но, коалицискиот партнер на Пацоли, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на актуелниот премиер Иса Мустафа, ја отфрли идејата за формирање широка владина коалиција. – Ако некој решил да оди, патот му е отворен, изјави пратеникот на ЛДК, Љумир Абиџаку, кој нагласи дека неговата пратија „не прифаќа и не дејствува по логиката на ултиматуми“.
Тој нагласи дека платформата со која ЛДК, АКР и партијата Алтернатива настапија заедно на јунските предвремени парламентарни избори, предвидува дека нема да прифатат постизборна соработка со Демократската партија на Косово (ПДК). – ЛДК и натаму останува на тој став, порача Абиџаку.
Денешниот предлог на Пацоли следи откако тој минатата недела се сретна со Рамуш Харадинај, кој е кандидат за косовски премиер на колаицијата ПАН, предводена од ПДК. Детали од овој разговор не се соопштени, но по прекинот на последното продолжение на конститутивната седница на косовското Собрание, Харадинај изјави дека се обидува да формира широка владина коалиција, како решение за излез од актуелната политичка криза. Следното, шесто по ред, продолжение на конститутивната седница на косовското Собрание е закажано за 24 август.