Стечајците на средба со Заев и Царовска, задоволни од новото законско решение

од desk2
67 прегледи

Стечајни работници од Здружението „УНИТ“ денеска во Владата на Република Македонија остварија средба со премиерот Зоран Заев и со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на која изразија благодарност за законското решение со кое треба да се реши нивниот проблем.

Прес-службата на Владата соопшти дека тие го поздравиле чекорот на Владата за законско решавање на прашањето на стечајните работници, кои не биле опфатени во досегашните селективни законски решенија. Стечајците изразиле благодарност за одговорноста на новата Влада да го спроведе ветеното и да пристапи кон решавање на проблемот во првите 100 дена од нејзиното формирање.

– Владата е посветена на потребите на граѓаните и на затворање на проблемите со коишто се соочуваат, низ комуникација и дијалог со засегнатите страни, со квалитетни и ефикасни системски решенија, како што е утврден и овој предлог закон заедно со стечајните работници, истакнал премиерот Заев.

На средбата се дискутирани опфатот и условите што ги предвидува Предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, којшто е усвоен од Владата и веќе е во собраниска процедура. Договорено е да продолжи директната комуникација со претседателот на Владата и со министерката Царовска со цел да им се помогне на стечајните работници да го остварат своето законско право.

– За да им се овозможи на работниците да ја комплетираат потребната документација, Владата во законското решение предвидува рок од една година во којшто тие ќе можат да го остварат законското право, се наведува во соопштението.