Освен службена картичка од Министерството за труд Диме Спасов имал на користење и картичка за трошење од Агенцијата за вработување. Наодите и сознанијата ги обелодени новото раководсто. Картичката на Спасов му била дадена само неколку дена пред да биде назначен за дополнителен заменик министер, а затворена е кога Спасов повторно седнал во министерската фотелја. Директорката Јовановска, вели дека службената картица официјално се водела на еден од возачите во Агенцијата, објави ТВ24.

„Во изјавата шоферот наведува дека директорот му кажал дека таа картица е даден на користење на тогашниот министер за труд и социјална политика, подоцна заменски министер, Диме Спасов. Истиот ја користел службената картица како средство за користење на репрезентација и истиот без никаков основ потрошил над 115 илјади денари од буџетот на АВРМ“, вели Билјана Јовановска – директор на Агенцијата за вработување.
Во писмената изјава на возачот стои:
„Случајно слушнав дека службената картица изработена на мое име ја користел тогашниот министер, а потоа и заменски министер Диме Спасов. Во истиот момент побарав прием кај директорот. Кога му кажав дека знам кој ја користи службената картичка на мое име видно се вознемири и почна да ми објаснува дека не треба да се секирам и дека се е законски и чисто“.
Јовановска најавува кривични пријави.
„Ќе бидат поднесени кривични пријави, бидејќи постои основ со тоа што една од основните работи ќе биде, барем во овој случај покрај кривичната одговорност ќе бараме парите не наменски и не законски да бидат вратени во буџетот на АВРМ“, вели Билјана Јовановска – директор на Агенцијата за вработување.
Диме Спасов и поранешниот директор на Агенцијата за вработување не беа достапни за коментар. Службената картичка што Спасов ја имал од Министерството за труд ја користел за да плаќа сметки од елитни ресторани низ светот, па се до ќебапчилници и Мек Доналдс.