Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, може да бара промена на имињата на аеродромот или на автопатот што се неприфатливи за Атина, пишува грчкиот весник „Демократија“ повикувајќи се на дипломатски извори во грчкото Министерство за надворешни работи.

Весникот потсетува дека Коѕијас во Скопје не сакал да патува со авион за да не го легитимира името на аеродромот „Александар Велики“. Преименувањето на таквите објекти, според весникот, би било знак на добра волја од страна на Скопје за градење меѓусебна доверба.
„Таква акција нè чини пари“, вели изворот на „Демократија“. Истиот извор вели дека македонската страна во досегашните разговори се правдала дека уривањето споменици, како тие на Александар или на Филип, чинат многу пари.
„Во тој случај министерот Коѕијас ќе им даде ветување дека, доколку решат таквите споменици да ги отстранат, Грција ќе помогне да се обезбедат пари за таа намена од фондови на Европската Унија“, изјавил дипломатскиот извор за грчкиот интернет-весник „Демократија“.