Актуелниот министер за здравство Арбен Таравари, ќе ја трча трката за градоначалник на Гостивар, па вели дека ако не успее во тоа, нема да биде ни министер повеќе.

„Не сакам да заминам од министерската позиција, но морам да го направам тоа поради партијата. Сметам дека многу повеќе би придонел во здравството, но немам избор. Ако ги изгубам локалните избори, сметам дека нема да имам никаков партиски кредибилитет понатаму да бидам министер“, вели во изјавата за „Фокус” Арбен Таравари, министер за здравство и кандидат на Алијансата за Албанците за градоначалничката позиција за Гостивар.
Тој вели дека на локалните избори ќе настапат сами, бидејќи не успеале да се договорат со ДПА и Беса.
„Да имавме соработка со помалите партии ќе беше подруго. До вчера не ми ни паѓаше на памет да се откажам од функцијата министер за здравство. Доколку не го добиеме градоначалничкото место, ќе се збогувам со политиката и ќе останам да работам како лекар, а ќе имам повеќе време за семејството“, изјави Таравари.
Ако Таравари не успее да стане градоначалник, Алијансата за Албанците ќе бара да ја задржи министерската позиција во здравството.
Таравари вели дека до локалните избори ќе ја извршува функцијата министер за здравство, ќе доаѓа секое утро во министерството, а работните обврски ќе ги подели со заменик-министерот и со државниот секретар.