Кралеви, сликари, поети, воини… низ времето

од Vladimir Zorba
215 прегледи

На денешен ден 13 септември 

1506.- Умрел италијанскиот сликар и гравер Андреа Мантења кој ги изработил величенствените фрески во црквите во Падова и во дворецот во Мантова, урнати во Втората светска војна.

1592.- Умрел францускиот писател и филозоф Мишел Ејквем де Монтењ, обновувач на интелектуалниот скептицизам и предвесник на слободните општествени мисли во 17. и 18. век. Де Монтењ сметал дека човечкиот разум е немоќен во барањето вистина и правда, но дека секој човек е должен да изнајде извесни норми во приватниот и јавниот живот како би можел да живее разумно и свесен за своите општочовечки одговорности.

1598.- Умрел шпанскиот крал Фелипе Втори, кој ја предводел земјата во војните против Отоманското царство од 1571 до 1578 година и против Англија од 1588  година, која завршила шест години по неговата смрт. По поразот на неговата „Непобедлива армада“ во 1588 година во битката со англиската морнарица во каналот Ла Манш, Шпанија никогаш повеќе не стана светска сила.

1788.- Њујорк бил прогласен за прва федерална престолнина во САД.

1819.-  Родена е германската пијантистка Клара Шуман, една од најголемите мајстори на клавир во 19. век. Нејзината концертна кариера започнала на деветгодишна возраст. Ширум Европа ги популаризирала делата на Роберт Шуман, за кого се омажила во 1840 година. Покрај неговите дела, ги популарилизирала и делата на Лудвиг ван Бетовен, Фредерик Шопен, Јоханес Брамс, Феликс Менделсон.

1872.- Умрел Лудвиг Фоербах, германски филозоф. Бил под влијание на Хегел, а потоа станал критичар на неговата филозофија. Од делата познати му се „Суштината на христијанството“, „Мисли за смртта на бесмртноста“, „Суштината на религијата“ и други. Роден бил на 28 јули 1804 година.

1874.- Роден е австрискиот композитор Арнолд Шенберг, основач и теоретичар на модерниот музички експресионизам и професор на музичките академии во Виена, Берлин, Бостон и во Лос Анџелес.

1882.- По востанието кое ги загрозило плановите на Лондон за користење на Суетскиот канал, Британците ја поразиле египетската војска кај Тел ел Кебир, Египет, и продолжиле со освојување на земјата и соседен Судан.

1887.- Во Вуковар, Хрватска е роден Леополд (првобитното име Лавослав) Ружичка, швајцарски хемичар од словачко потекло. Добитник бил на една половина од Нобеловата награда за хемија во 1939 година за изучувањето на сексуалните хормони. Втората половина од наградата ја добил германскиот биохемичар Адолф Бутенант. Умрел во Цирих, Швајцарија, на 26 септември 1976 година.

1903.- Околу 2.000 жители од Охридско, пред силниот налет на турската војска на Бахтијар-паша што пустошела се пред себе, побарале засолниште во месноста Рашанец. Збегот бил добро организиран и заштитуван од четите на војводите Аргир Маринче, Никола Митрев, Цветко Стојанов и други. Со помош на предавник турската војска го скршила и овој востанички отпор на македонското население од овој крај во времето на Илинденската епопеја. Околу 200 жители од Охридско загинале во борбата на Рашанец. Меѓу загинатите бил и војводата Аргир Маринче, кој со својата храброст им дал пример на сите борци како треба да се борат за слободата на својот народ. Аргир Маринче бил роден во Охрид, во 1870 година.

1922.- Во Ел Азизи во Либија, измерена била највисоката температура во сенка – 58 Целзијусови степени.

1924.- Во Софија терористот Владо Черноземски го уби Димо Хаџи Димов, еден од најпознатите идеолози и теоретичари на автентичното македонско национално-ослободително движење. Бил учесник во битката кај Баница, на 4 мај 1903 година кога животот го загуби апостолот на македонското национално-ослободително движење Гоце Делчев. По поразот на Илинденското востание застанал на страната на прогресивната левица на ТМОРО, а во времето на Младотурската револуција развил активна идеолошка дејност и бил еден од иницијаторите за создавање на Народната федеративна партија на чело со Јане Сандански. Роден бил во селото Горно Броди, Егејска Македонија, на 20 октомври 1875 година.

1924.- Во Софија е убиен Владислав Ковачев, популарен штипски војвода и публицист, уредник на весникот “Автономна Македонија” и идеолог на Македонската емигрантска федеративна организација. Роден бил во Штип, на 5 јануари 1875 година.

1953.- Во Скопје, на Градскиот стадион, се одиграл првиот меѓусебен прволигашки фудбалски натпревар меѓу Вардар и Работнички. Резултатот завршил 2:2.

1955.- СССР и Западна Германија воспоставиле дипломатски односи.

1989.- Во Тирана умрел Стеријо Спасе, албански писател од македонско потекло. Роден бил во селото Глобочица, во 1914 година.

1991.- САД и СССР се договориле да престанат со дотур на вооружувањето на завојуваните страни во Авганистан.

1992.- Умрел американскиот филмски актер Ентони Перкинс. Филмови: „Психо“, „Пријателско убедување“ (Оскар), „Процес“, „Го сакате ли Брамс?“, „Квака 22“, „Судија за бесење“, „Убиство во Ориент експрес“, „Црна дупка“.

1993.- Во Скопје умрел Јон Исаја, претставник на најстарата генерација македонски артисти. Роден бил во Тетово, во 1915 година.

1994.- Во Скопје трагично го заврши својот живот Радмила Трифуновска, македонски писател, предавач и новинар. Автор е на поезијата “Зли дождови”, “Црни птици” и на расказите “Жена и војна” и “Враќање”. Родена била во Скопје, на 28 март 1930 година.

1995.- Република Македонија и САД воспоставиле дипломатски односи.

1995.- Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Стево Црвенковски и Каролос Папуљас во Њујорк во присуство на Сајрус Венс, специјален претставник на генералниот секретар на Обединетите нации, потпишале привремена Спогодба за пријателски односи и градење доверба и се обврзале на почитување на заемниот суверенитет и територијален интегритет прифаќајќи ги меѓународно признаените државни граници.

2001. Државниот секретар на САД Колин Пауел првпат потврдил дека саудискиот исламски терорист Осмама бин Ладен е осомничен како организатор на терористичките напади на Ал Каеда изведени  два дена пред тоа во Њујорк и во Вашингтон во кои загинаа безмалку 3.000 лица.

2013.- По кратко боледување, во 95-тата година од животот почина проф. д-р Десанка Миљовска, поранешен министер за култура, првоборец и професор по социологија на Филозофскиот факултет. Проф. Миљовска била еден од основачите на Катедрата по социологија, а предавала и на Факултетот по новинарство, Филолошкиот факултет, како и на други научно-општествени институции. Како истакнат општествен работник, во периодот од 1971 до 1974 година била и член на Владата на Социјалистичка Република Македонија, како министер за култура.

Избор МИА