Документарниот филм „Валкана игра” повторно во јавноста потсети на тезите на поранешниот агент на MИ6, Ричард Томлинсон дека оваа разузнавачка служба планирала да го убие Слободан Милошевиќ, поранешен претседател на СР Југославија.
Слободан Милошевиќ требало да биде ликвидиран во тунел во Женева во 1993 година. Ричард Томлинсон (80) своите тези ги изнел уште во 2008 година пред Врховниот суд во Лондон, за што пишуваа сите британски медиуми, меќи кои и „Дејли телеграф”.
Британската служба, според зборовите на Томлинсон, планирала да изврши атентат на Милошевиќ во 1993 година, на начин што тоа да изгледа како сообраќајна несреќа во тунел. Според него, постоеле три планови за убиство на Слободан Милошевиќ.
Првиот план ги вклучувал српските паравоени единици, додека во втората верзија на планот Милошевиќ требало да биде ликвидиран од страна на мала инфилтрирана група на британски специјалци од редовите на САС.
Според тој план, атентаторите со силен рефлектор требале да го заслепат возачот на блиндираниот автомобил во кој се наоѓал Милошевиќ и тоа во тунел во Женева, каде претседателот на СРЈ требал да присуствува на мировните преговори.
Томлинсон истакнал дека планот му го покажал висок офицер на MИ6 кој го означил како „лицето А”.
– Лицето А рече дека смртта во тунел би значело помалку сведоци и поголема шанса Милошевиќ да загине. Беше јасно дека тој човек не се шегува, туку дека има јасен план и цел тој атентат да биде извршен успешно, вели Томлинсон.
Подоцна се појавија и шпекулации дека MИ6 наводно сакала да го примени истиот план и за ликвидација на принцезата Дајана, а гласините дека службата ја убила принцезата повторно се актуелизираа по неодамнешната изјава на пензионираниот разузнавач Џон Хопкинс (80) кој тврди дека лично учествувал во атентатот на принцезата од Велс.
Хопкинс тврди дека британската служба за атентатот на Дајана го искористила „планот 3”, го заслепиле возачот на автомобилот во кој се наоѓала Дајана. Очевидците на несреќата во тунелот, во кој настрада принцезата Дајана, тврдат дека при несреќата виделе заслепувачки светла.
– Тоа е само една од низата морничави случајности меѓу планот за атентат на Милошевиќ и смртта на лејди Дајана, вели Томлинсон. /МИА
Дејли Телеграф – Лондон