САД и нејзините НАТО сојузници се подготвуваат за жестока антируска медиумска офанзива во Србија!

Конгресот одобри пари за спротивставување на руското влијание на Балканот, кое вклучува покренување на регионален медиумски центар. На проектот е ангажиран и НАТО, а целта е борба против „дезинформациите” на Кремљ.
Како што дознаваат „Новости” дел од износот од 250 милиони долари, кои Конгресот на САД за фискалната 2018 и 2019 година ги додели на Фондот за спротивставување на руското влијание, имено наскоро ќе стигне и во Србија.
Според нашите информации, на големо во тек се подготовки за лансирање на проектот „Спротивставување на руската кампања за дезинформирање на Балканот”, кој треба да стартува кон крајот на оваа или почетокот на идната година со покренување на „регионален медиумски центар за прашања за одбраната и безбедноста” под работното име „Балкан секјурити нетворк” („Балканска безбедносна мрежа”).
Со активностите на „спротивставувањето на руската информативна војна во регионот”, што всушност е обид за целосна американска превласт на тукашниот медиумски простор, како што дознаваат „Новости”, раководи Џон Капело, виш соработник за воени прашања во Фондацијата за одбрана на демократијата (ФДД) и поранешен американски воен аташе во амбасадите на САД во Србија и во Израел, како и Даниел Шунтер, директор на невладината организација Евроатланска иницијатива (ЕАИ) од Белград.
На проектот се ангажирани и НАТО секторот за јавна дипломатија од Брисел и Канцеларијата на НАТО за врски во Белград, а важна улога има и Сајмон Фицгибон, аташе за одбрана во Амбасадата на Велика Британија во Белград.
Финансирањето на проектот, според нашите информации, ќе оди преку Атланскиот совет, Германскиот Маршалов фонд, Националната фондација за демократијата (НЕД) која е еден од главните финансиери на т.н. невладин сектор во Србија, како и преку Американската (воена) команда за Европа (УСЕИКОМ).
Се очекува свој придонес да дадат и дипломатските претставници на Германија, Канада и Норвешка, како и Словенија преку полковникот во пензија Антон Туње, поранешен воен аташе на Словенија во Србија.
Овие планови за дипломатско-воено-пропагандна агресија на Западот на Србија, инаку произлегуваат од Законот за спротивставување на дестабилизирачките активности на Иран, кој во американскиот Конгрес е усвоен на 27 јули.
Со него е предвидено и основање на наведениот антируски пропаганден фонд од 250 милиони долари, кој како што е наведено во законот, освен во Србија треба да биде искористен за спречување на руското влијание и во Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Македонија, Молдавија, Косово и во Украина, како и во НАТО и ЕУ членките кои се „ранливи на влијанието на Руската Федерација”.
И Петреус го шири царството
Дека САД имаат намера на Балканот да го зајакнат своето влијание сведочат и се погласните шпекулации дека Фондот ККР, кој го води поранешниот шеф на ЦИА Дејвид Петреус, планира преземање на уште две телевизии со национална фреквенција – Прва и О2 (поранешната Б92).
Исто така, има намера да влезе во словенечката ТВ Поп, хрватската Нова, ОБН во БиХ и ТВ Вијести во Црна Гора.
Инаку, фондот ККР во Србија е сопственик на најголемиот провајдер за кабеска телевизија и интернет компанијата СББ, но и на ТВ Н1 и „Гранд продукција”, а има и голем удел во сопственоста на интернет порталот „Блиц”.
Вечерње Новости – Белград