Каракачанов понуди помош за решавање на спорот со името

од desk2
83 прегледи

Бугарија го поддржува државното единство и територијалниот интегритет на Македонија и е подготвена да помогне во решавањето на спорот за името со Грција, порача денеска бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов по средбата во Скопје со неговата македонска колешка Радмила Шеќеринска.

– Ова сакам изрично да го потенцирам со цел да ги прекинам политичките шпекулации – ги поддржуваме дрважното единство и територијалниот интегритет на Република Македонија. Немаме проблем со името на РМ, ја признаваме земјата под уставно име. Подготвени сме да помогнеме во решавање на спорот со други земји со цел конечно да се отворат вратите на Македонија за полноправно членство во НАТО, нагласи Каракачанов.

Одговарајќи на новинарско прашање за изјавите на некои експертти во Бугарија кои порачувале дека Македонија во преговорите со Грција треба да внимава какво име ќе избере Каракачанов порача дека проблем во однос на името меѓу двете земји не постои и оти тоа е проблем со трети земји.

Во врска со ставовите за македонското малцинство во Бугарија и дали ќе има промени на идеологијата по потпишувањето на договорот на 1 август тој рече дека станува збор за многу долга тема.

– Кој се интересира од историјата на македонското прашање, не само откако е создадена Република Македонија, за тоа можам да дадам специјални лекции како историчар. Отсекогаш сум сметал дека не треба да се измислуваат проблеми онаму каде што нема, таков проблем во Бугарија нема. Тука сум во улога на министер за одбрана. Ако сакате да водиме историски разговори ќе зборувам во улога на историчар. Вакви теми не се во корист за добрите односи меѓу двете земји, изјави бугарскиот министер за одбрана.

Каракачанов и Шеќеринска потенцираа дека денешната средба меѓу другото е одржана за да се покаже билатералниот договор што го попишале двете земји нема да остане само на зборови.

– Тој договор и она што се случуваше по потпишувањето покажува дека двете држави се свесни дека само преку добрососедството нашиот регион може да оди напред и да ја гарантираме нашата заедничка безбедност, рече Шеќеринска. За кусо време од потпишувањето на договорот од 1 август беа направени работни средби во Скопје, а сите конкретни иницијативи се во тек.

– Главен приоритет на Бугарија за време на претседателството со Европската унија е интеграцијата на Западен Балкан. Нашата позиција е дека Владата на Република Бугарија ја поддржува политика на Република Македонија за членство во НАТО. По потпишување на договорот од 1 август работите почнаа да се движат во позитивна насока, нагласи тој.

Слични содржини