Руското хакирање на изборите во САД – скандал поголем и од Вотергејт

од Vladimir Zorba
112 прегледи

   Клопчето околу истрагата на специјалниот јавен обвинител Роберт Мјулер за наводната улога на Русија во фалсификување на претседателските избори во САД започна да се одмотува откако телевизијата Си-Ен-Ен објави дека еден од главните протагонисти во оваа истрага бил прислушуван од Федералното биро за истраги (ФБИ) во текот на повеќе од две години.

Пол Манафорт, поранешен шеф на изборната кампања на претседателот Доналд Трамп, бил прислушуван од ФБИ пред и после изборите во ноември 2016 година. Телефонските разговори на Манафорт биле тајно снимани по судски налог и врз основа на Законот за прислушување во интерес на надворешни разузнавачки активности (ФИСА).

Според информациите на Си-Ен-Ен, следењето било организирано откако ФБИ  во 2014 година почнала истрага за дејноста на консалтинг фирмите кои работеле за промосковската Партија на регионите на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович.

Според еден од изворите, прислушувањето било привремено прекинато поради отсуство на докази, но ФБИ го обновил следењето на Манафорт по добивање на нов налог. Во рамките на налогот ФБИ спороведе и упад во неговиот дом во Вирџинија, но се уште е неизвесно дали таму биле најдени некакви докази.

Она што се истакнува во извештајот на Си-Ен-ЕН е дека вториот налог можел да биде даден поради основано сомнение за воспоставени врски помеѓу Трамп и руските власти. Дел од снимените разговори биле доставени до Мјулер.

Тој пак, од своја страна, неодамна се обратил за помош во составување на голема порота, која веќе била повикана во Вашингтон. Членовите на поротата пратиле покани за сведочење на поединци, за кои се претпоставува дека можеби имат информации за контактите на Трамп со Москва.

Според некои соговорици на телевизијата, наводното хакирањето на изборите од страна на Москва е скандал поголем и од Вотергејт, и дека шансите да се соочи со импичмент за Трамп стануваат сериозни.

 Борис Камчев МИА