Заев: Русија ќе има забелешки, можеби и активности ама ние сме решени за НАТО и ЕУ

од Vladimir Zorba
110 прегледи

 

..од Москва можеби и треба да очекуваме некакви активности против натамошното зачленување во воената алијанса, но, пријателите во Москва треба да сфатат дека нашето место е во ЕУ и во НАТО и дека ние работиме да испорачаме резултати за да можеме да станеме полноправна членка во овие организации, изјави Заев за Македонската информативна агенција.

Генералниот секретар на ОН, Антинио Гутереш  на средбата со македонскиот премиер Зоран Заев изрази поддшка за спроведувањето на реформите во Македонија и за решавање на спорот со Грција околу името.

– Гутереш го поддржа мултиетничиот аспект во развојот на Македонија и пријателството што таа го промовира на Балканот. Но, тој е свесен за спорот со името и апелираше за побрзо решавање на овој проблем, кој претставува кочница на Македонија во нејзиниот развој и конкретно за зачленувањето во НАТО и ЕУ, рече Заев во изјава за МИА.

На средбата присуствувал и посредникот на ОН за спорот со името, Метју Нимиц, но во разговорите не биле изнесени предлози за некакви решенија на проблемот.

Премиерот Заев во изјавата нагласи и дека постои голема веројатност дека Русија ќе има забелешки на зачленувањето на Македонија во НАТО, додавајќи дека не очекува тоа да го прави и за нашето членство во ЕУ.

– Македонија се наоѓа на границите на НАТО и во таа смисла од Москва можеби и треба да очекуваме некакви активности против натамошното зачленување во воената алијанса. Но, пријателите во Москва треба да сфатат дека нашето место е во ЕУ и во НАТО и дека ние работиме да испорачаме резултати за да можеме да станеме полноправна членка во овие организации, изјави Заев. 

Македонскиот премиер во Њујорк се сретна и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан и со високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, при што му било пренесено дека во Брисел веќе е апсолвиран позитивниот аспект за Македонија од промената на власта и важната улога на новата Влада во ставањето крај на политичката криза.

Тој додаде дека новата Влада ревносно ги исполнува сите услови што на Македонија и се поставени од Европската Комисија, како што се создавање на независно судство, почитување на владеењето на правото, слобода на медимуите, сервисно ориентирани државни инститции и реформи на тајните служби.

– Хан и Могерини зборуваа во суперлативи за она што значат реформи, градење на пријателство со соседите, вклучително и со Грција, и се свесни за проблемот со името. Нивна амбиција и наша голема желба е Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ во 2018 година, изјави Заев.

Тој нагалси дека Хан и Могерини оцениле дека сите земји во регионот мора да исчекоруваат напред, и во услови кога Србија и Црна Гора веќе преговараат за членство во ЕУ, треба и Македонија и Албанија да ги отпочнат тие преговори.

– Не само заради нив, но, пред се, и заради нас. Успешно стартувавме, нема дилеми. Ние се надевамe на позитивен исчекор во однос на отстранување на блокадата од страна на Грција и отпочнување на преговорите. Јас сум оптимист по ова прашање, истакна Заев во изјавата за МИА.