Комисијата за заразни болести прогласи епидемија на морбили (мали сипаници) во Општина Гази Баба, откако пет деца се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.
Најмалото дете има 12 месеци, а најголемото 11 години. Претседателот на Комисијата, Звонко Миленковиќ, вели дека три од нив имале висока температура и други компликации кои се појавиле пред осипот, но не се во критична состојба.
Надлежните информираат дека овие деца не ја примиле задолжителната вакцина МРП, а здравствените власти од понеделник ќе проверуваат колку деца не се вакцинирани, имајќи предвид дека вакцинирањето со оваа вакцина е намалено.
Од Комисијата за заразни болести апелираат до граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата, бидејќи малите сипаници можат да доведат до сериозни компликации, но и смртни случаи како што е случајот во Романија и други европски земји.
Во Македонија последен пат морбили се појавиле во 2014 година, кога биле заразени 110 лица.