Микеланџело Караваџо, Мастројани, Коџоман…

од Vladimir Zorba
522 прегледи

На денешен ден  28 септември 

1573.- Роден е Микеланџело Караваџо, италијански сликар. Тој решително прекинал со дотогашното идеалистичко интелектуално сфаќање на сликарството и се ориентирал кон натурализмот. Извршил големо влијание на француското и на холандското сликарство во 17. век. Умрел на 31 јули 15010 година.

1864.- Во Лондон е основана Првата интернационала (1864-1876) – меѓународно здружение на работниците, со учество на работничките претставници на Франција, Англјиа, Италија и на Ирска. Голема улога во нејзиното основање одигра Карл Маркс, кој ги напишал двата документа: „Основачкиот манифест“ и „Привремениот статут на здружението“.

1891.- Во Њујорк умрел Херман Мелвил, еден од најголемите американски писатели кој низ симболи и алегорија многу често укажувал на себичноста и комерцијализацијата на општеството. Своите доживувања на морнарите и ловците на китови ги изнесол во многу приказни и романи. Најпознато негово дело е романот “Моби Дик”. Роден бил во Њујорк, на 1 август 1819 година.

1895.- Во Париз умрел Луј Пастер, француски хемичар и биолог. Ја открил вакцината против беснило, утврдил дека ферментацијата е биолошки процес и ги добил дотогашните теории за спонтаната реакција на микроорганизмите. Роден бил на 27 декември 1822 година.

1898.- Италијанскиот лекар и зоолог Батиста Граси ги објавил резултатите од повеќегодишните проучувања во кои ги открил вистинските причинители и пренесувачи на маларијата.

1902.- Во селото Крушоради, Леринско, во борба против турската војска и башибозукот, немајќи друг излез, се самоубиле тројца македонски борци, на чело со војводата Дине Кљусов.

1924.- Во Фонтана Лири е роден Марчело Мастројани, италијански филмски актер. Умрел во Париз, на 19 декември 1996 година.

1960.- Во Скопје умрел Наум Наумовски – Борче, народен херој на Македонија. Роден бил во Крушево, на 1 април 1920 година.

1966.- Умрел францускиот писател Андре Бретон. Дела: „Надреалистичка револуција“, „Наѓа“, „Изгубени чекори“, „Фатаморгана“, „Надреализмот и сликарство“.

1970.- Умрел египетскиот државник Гамал Абдел Насер, шеф на државата од 1956 година, творец на модерниот Египет.

1973.- Умрел Винстан Хју Одн, англиски поет и драмски писател. Познати негови поетски дела се „Песни“, „Говорници“, „Танц на смртта“, „Новогодишно писмо“ и други. Добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1971 година. Роден бил на 21 февруари 1907 година.

1978.- Умрел папата од италијанско потекло Јован Павле Први, кој бил поглавар на римокатоличката црква само 33 дена. Неговите идеи изложени на почетокот на понтификатот многу го вознемириле Ватикан. Од 1969 бил надбискуп во Венеција, а за папа бил избран на 26 август 1978 година. Умрел под неразјаснети околности.

1993.- Владата на Демократска Народна Република Кореја донесла одлука за признавање на Република Македонија.

1994.- Во Скопје умрел Вангел Коџоман, еден од основоположниците на современото македонско сликарство. Роден бил во Струга, на 14 февруари 1904 година.

1994.- Во најголемата мирнодопска поморска несреќа во Европа, повеќе од 900 луѓе загинале кога во невреме во Балтичкото Море спроти финскиот брег потонал фериботот „Естонија“.

1994.- Во Скопје, во издание на “МИ-АН”, излегол првиот број на “Македонско време”, независен информативно-политички њус магазин.

2000.- Умрел канадскиот државник Пјер Елиот Трудо, кој со мали прекини ја водел земјата 16 години. Првпат бил избран за премиер во 1968 а на власт останал до 1979 година. На чело на извршната власт на Канада повторно бил  од 1980 до 1984 година, а на Либералната партија  од 1968 до 1984 година.

2003.- Умрел американскиот филмски режисер од грчко потекло Елија Казан, добитник на повеќе награди на Американската филмска академија за животно дело, како и на 20 Оскари во разни категории, вклучувајќи и два за режија. Филмови: „Џентлменски договор“ (Оскар), „Источно од рајот“, „Сјај во трева“, „Бејби Дол“, „Дива река“, „Вива Запата“, „Бумеранг“, „Паника на улиците“, „Америка, Америка“, „Посетители“, „Трамвајот наречен желба“.

2016.- Во Тел Авив на 93-годишна возраст починал Шимон Перес, поранешен израелски претседател и виден државник. Со смртта на Шимон Перес од светот си заминала една историска фигура, последниот преживеан од генерацијата основачи на израелската држава и еден од архитектите на спогодбата од Осло, со која биле положени темелите на палестинската автономија во 90-те години од минатиот век, заради што ја добил и Нобеловата награда за мир./МИА