Збунети од Трамп севернокорејците контактираат поранешни американски функционери

од desk2
98 прегледи

Играта на јавно прозивање и закани со уништување која ја играат американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун ескалира во последните месеци, но за сето тоа време севернокорејските функционери се обидуваат да договорат состаноци со републикански аналитичари во тоа што се чини како обид подобро да ги разберат збунувачките пораки кои доаѓаат од администрацијата на Трамп.

Севернокорејските функционери упорно демонстрираат дека не сакаат да учествуваат во директни преговори за брзорастечката нуклеарна програма, покрај Трамповата огнена реторика и дополнителните санкции, и стануваат се попркосни по неколкуте неуспешни лансирања на балистички проектили и последните нуклеарни проби, пишува CNN.

Додека високопозиционираните дипломати продолжуваат да инсистираат САД да преферира дипломатско решение за да ја заузда оваа нација, нема многу докази дека која и да е страна се подготвува да направи отстапки по клучните прашања кои би можеле да ја отворат вратата на формални преговори.

Како што тврдат неколку стручњаци, недостигот на официјални дипломатски преговори ја зголеми можноста за настанување потенцијален конфликт, и истакнуваат дека непредвидливите закани од Трамп со „оган и гнев“ и „разорна“ воена операција често е во спротивност со јавните ставови на неговите високо позиционирани советници кои се надеваат дека ќе покаже малку пообзирен став.

Меѓутоа, во сред овој хаос, севернокорејските функционери се обидоа да стапат во она што во САД се смета за споредни преговори за да овозможат комуникација надвор од официјалните дипломатски канали. Така, не е невообичаено медијаторите да им пристапат на американските аналитичари или поранешни функционери со посебни политички врски кога новата администрација стапи на власт.

Функционерите од Белата куќа знаат за овие состаноци и до нив се проследува секоја информација со која можеби се дошло, велат експерти кои учествувале во преговори.

Овие обиди за комуникација на севернокорејските функционери почнаа во јануари по инаугурацијата на Трамп, со цел подобро разбирање на политиката на новиот претседател и како таа се разликува од претходните, велат неколку стручњаци кои се контактирани.

„Тие се обидуваат да ја сфатат американската политика под новата администрација колку што можат. Но, дури и ние во Вашингтон честопати сме збунети или имаме прашања за нашите политики, а замислите да се обидете да го процените Вашингтон од далечина, од Сеул, Токио или Пјонгјанг. Тие се обидуваат да растумачат каква е таа политика и можните причини за преминување на црвените линии“, вели за CNN Брус Килинџер, поранешен аналитичар во ЦИА и главен советник за Северна Кореја во организацијата Heritage Foundation.

Килинџер вели и дека обидите за комуникација со републикански аналитичари веројатно е резултат на конфузијата предизвикана од пораките на администрацијата на Трамп, во недостаток на официјални дипломатски преговори со американската влада.