
Претседателот на Грција Прокопиос Павлопулос ја започнува денеска дводневната посета на Србија со средба со српскиот колега Александар Вучиќ.
Предвидено е двајцата претседатели прво да имаат тет-а-тет средба, по што ќе им се придружат делегациите од двете земји. Павлопулос подоцна ќе има работна средба и со српската премиерка Ана Брнабиќ.
Се очекува дека главна тема на разговорите ќе бидат евроинтеграцијата на земјите од регионот, идните структури на ЕУ, како и безбедносната ситуација на Балканот.
– Трајна желба на грчкиот народ е и натаму, независно од политичките промени кои се целосно нормални во една демократска држава, да продолжи хармоничната соработка меѓу двата народа и двете држави во корист на мирот, демократијата и основните човекови права, порача грчкиот претседател за српскиот весник „Политика“.
– Сакаме да ја продолжиме нашата соработка на зацврстувањето на мирот, безбедноста и на доследното спроведување на меѓународното право во нашето опкружување, на Балканот, воедно на сите соседи испраќајќи порака дека пријателството и добрососедските односи зависат исклучиво од исполнувањето на овие обврски, потенцира Павлопулос.
– Што се однесува на нашите соседи кои настојуваат да влезат во ЕУ, оваа порака има дополнително значење, бидејќи целиот процес на нивното на нивното зачленување подразбира исполнуваше на наведените обврски. потенцира за „Политика“ шефот на грчката држава.