МТВ ѝ порача на ААВМУ: Известуваме повеќе за ВМРО-ДПМНЕ оти имаа реакции за отчетите

од Vladimir Zorba
106 прегледи

Првиот канал на МТВ денеска реагираше на забелешките на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (ААВМУ) во извештајот од надзорот на медиумското известување во периодот од 16 до 24 септември 2017 година, дека МТВ1 не ја следела одредбата за избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од опозицијата што се претставени во Собранието.

Од првиот канал на МТВ реагираат велејќи дека од почетокот на кампањата известуваат според правилата за медиумско покривање на изборите и според законите, а дисбалансот за кој се зборува во извештајот на ААВМУ е поради времето што го отстапила на ставовите на најголемата опозициска партија за работата на Владата.

„Во извештајот на ААВМУ, и во делот на застапеноста на субјектите во претежно информативните жанрови и во директните обраќања на субјектите, Владата е најзастапена и следствено на тоа отстапено е соодветно време за опозицијата. Во овој контекст, треба да се има и предвид дека во надгледуваниот период имаше отчети на министрите за сработеното во првите сто дена на кои реагираа претставници на опозицијата. Поради тоа што, освен избалансираност, се бара и објективност во информирањето, МТВ1 ги почитува и повисоките законски акти, како што е Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, кој бара објективност, навременост и точност, а го почитува и највискиот правен акт, Уставот, кој забранува цензура“, се вели во реакцијата од МТВ 1.