Државното правобранителство барало да се провери вештачењето за предмет во предистражна постапка што го нарачало СЈО за имотно побарување, под изговор дека државниот орган не пријавил дека има штета.

Ова е само една од причините кои ги посочи јавниот обвинител Стевчо Донев на денешниот настан за практичната примена на конфискацијата на имот, со кои се соочува тимот на Катица Јанева.
„Ние бевме вчудовидени од таквиот одговор“, рече Донев.
Тој нагласи дека постојат правни недоречености и неусогласеност со Законот за кривична постапка за постапување на обвинителите, кога е во прашање конфискацијата на имот или имотно-правно побарување. Во друг случај, пак, судот барал обвинетиот да се произнесе за имотното побарување, иако станува збор за постапка која е итна.
Обвинителот Донев посочи дека зад предлогот за имотно-правно побарување претходно стои лоциран недвижен имот, како и вештачење на овластен проценител. Обвинителот на СЈО праша како проценителот без да ги види и фотографира недвижностите кои се предмет на имотно побарување да направи проценка на имотот. Судот за предмети на СЈО оценил дека при вештачењето не се почитувани критериуми за проценка, што, како што рече Донев не е во опсегот на работа на судот. За судот да го прифати барањето за имотно побарување во предметите на СЈО требало да се докаже дека имотот почнува да се распродава за да има основа за обвинителството да бара конфискација.
Истражителот од СЈО, Атанас Карјаковски, изјави дека како човек кој доаѓа од Управата за финансиска полиција, во СЈО имаат многу работа и предмети кои се однесуваат на финансиски истраги. На конференцијата говореа академик Владо Камбовски, американсиот судија Пол Бајрон, професорката Лажетиќ-Бужаровска, професорот Тодор Витларов од Вишото јавно обвинителство од Штип и обвинителот Стевчо Донев, обвинител од СЈО./Макфакс