Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, не сакаше да ги коментира шпекулациите дека, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, му давал на претседателот Ѓорѓе Иванов тајни податоци од судот, кои тој потоа ги користел за да ги аболицира обвинетите.

Јанева рече дека сега се составуваат записниците од петчасовениот претрес во канцеларијата и во домот на Панчевски и на уште двајца вработени во информатичкиот сектор на Кривичниот суд. Цел на СЈО биле компјутерите што ги користел Панчевски, од кои треба да се види, како се случувало доказите со кои располагале обвинителите да бидат достапни и за обвинетите и за сведоците.
Панчевски и неговите соработници се осомничени дека давале службени тајни на лица кои не се вработени во судот. Во Кривичниот суд беше и комисија од Министерството за правда, која проверуваше дали системот за електронско распределување на предмети е злоупотребуван за да се местат предмети кај одредени судии. Сомнежи за можни манипулации искажа и германскиот експерт Рајнхард Прибе, во чиј извештај беше нотирано дека постојат индиции за злоупотреба на АКМИС-системот..