
– Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган допатува синоќа во дводневна официјална посета на Србија, а на аеродромот во Белград го пречекаа српскиот колега Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и членови на Владата на Србија.
Ердоган пристигна во Белград со голема делегација, составена од 185 бизнисмени и осум турски министри. Официјалните разговори на турскиот претседател почнуваат денеска на тет-а-тет средба со Вучиќ, по што ќе одржат заедничка прес-конференција.
Потоа следуваат средби на двете делегации и потпишување на неколку договори меѓу Србија и Турција.
– Акцент ќе биде ставен на економските теми и енергетиката, поконкретно на проектот „Турски поток“, изјави српскиот министер за енергетика Александар Антиќ.
Премиерката Брнабиќ очекува важни договори во областа на земјоделството.
Во рамки на посетата ќе биде организиран турско-српски бизнис форум.
Ердоган утре ќе го посети градот Нови пазар, кој е главно населен со муслимани, во областа Санџак, јужна Србија.
За време на посетата ќе бидат зајакнати безбедносните мерки, а за безбедноста на Ердоган, освен неговите лични 50 телохранители, ќе се грижат и 3.000 српски полицајци.