Кандидатот за градоначалник на Прилеп од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески, најави дека ќе продолжи со инвестирање во образованието и децата. За неколку недели ќе се заврши изградбата на основното училиште во населба Сточен Пазар, кое ќе биде отворено за големиот патрон на градот св. Никола и ќе го носи неговото име.

Уште 3 нови спортски сали ќе добијат основните училишта „Кире Гаврилоски – Јане“, „Кочо Рацин“ и „Блаже Конески“. Нова термо-фасада ќе добијат сите основни и средни училишта во градот и населените места за подобар изглед и енергетска ефикасност.
Тој вети комплетна реконструкција на санитарните јазли во училиштето „Гоце Делчев“ и во училиштето во Големо Радобил, како и уредување на дворовите во сите основни и средни училишта со паркови со зелени ботанички градини.
За гимназијата „Мирче Ацев“ вети промена на останатиот дел од надворешната столарија, изградба на фудбалско игралиште со вештачка трева, целосно препокривање, како и санација на дел од кабинетскиот простор и целосно партерно уредување на просторот позади училиштето.
Како што кажа кандидатот за градоначалник, за секој првоодделенец ќе се обезбедел бесплатен училиштен ранец и ученички прибор, а ќе ги субвенционирале и униформите за учениците во сите основи и средни училишта на територија на општина Прилеп.
Тој вети нова мултифункционална читална во центарот на градот со капацитет од 100 до 150 места и компјутери кои би им биле на располагање на сите граѓани.