Претресот на Специјалното јавно обвинителство кај екс претседателот на Кривичен, Владимир Панчевски е поради најдениот и одземен хард диск со прислушувани разговори кај бизнисменот Љупчо Палески, објави Алсат-М.

Иако ова не го потврди СЈО, судската наредба за претрес на Панчевски издадена од гевгилискиот суд јасно укажува на поврзаноста на двата случаја. Во образложението стои.
Судска наредба за претрес кај Владмир Панчевски:
„Постојат сознанија дека релевантни докази се наоѓаат кај лицето Љупчо Палески, дека при претресот одземени се поголем број на електроснки докази за кои во тек е вештачење во МВР. Првичните анализи покажуваат дека осомничениот на 14.8.2017 година вршел бришење и криптирање на електронските податоци“.
СЈО се сомнева дека Палески извршил три кривични дела – Злоупотреба на службена положба, Оддавање службена тајна и Помагање сторител по изврешено кривично дело. Во образложението на судот се посочува дека токму со претресот кај Панчевски ќе се обезбедат докази за случајот со одземените прислушувани разговори кај Љупчо Палески.
Судска наредба за претрес кај Владимир Панчевски:
„Во домот и кај лицето Владимир Панчевски може да се пронајдат компјутери компјутерска опрема, преносни мемориски уреди – екстерни хард дискови, УСБ, ЦД, ДВД и други уреди кои служат за собирање и пренос на податоци, телефонски апарати кои содржат релевантни податоци за предметната истражна постапка, односнои дека ќе бидат пронајдени траги на кривичното дело и предмети важни за кривичната постапка“
Јанева минатиот четврток внимаваше да не открие детали за претресот на судијата Панчевски, но напомна дека е поради друга предистражна постапка. Посочи дека местел случаи кај судии за кои сметал дека се подобни и дека во АКМИС системот имал пристап и од дома.
Прашање: „Претресот произлегува од прислушуваните разговри од така наречените бомби овој случај?
– Не, ова е поврзан со друг предмет што произлегува со телефонските разговори на лицата кои беа на оперативно следење и се поврзани со друг предистражен предмет, одговара Катица Јанева, СЈО.
Екс шефот на Кривичен, Владимир Панчевски ги негираше тврдењата на Јанева и поврзаноста со бизнисменот Љупчо Палески. Обвини дека брутално бил претресуван. Му биле одземени два мобилни телефони и компјутерите, но и дека истражители на СЈО му го украле клучот од домот. Најави кривични пријави за Катица Јанева, Ленче Ристоска и судијката Злата Попова која ја издала наредбата за претрес.