Нашиот патриотизам идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа, истакна премиерот Зоран Заев во својот говор на централниот настан од одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание, кој се одржа пред Споменикот на ослободителите на Скопје, во дворот на Владата.

Празнувањето на големите датуми и оддавањето на чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Македонија, рече Заев, е само мал дел од нашата должност кон достојното минато, нагласувајќи дека патриотизмот не завршува тука.
– Нашиот патриотизам идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа, како што нам, причини за славје ни даде генерацијата на партизаните од антифашистичката и народноослободителната борба. Пред 76 години нашите сограѓани во Прилеп и во Куманово се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на востанието на македонскиот народ и на сите други граѓани во Македонија против фашистичкиот окупатор и почетокот на завршните процеси во впишувањето на македонската држава на мапата на народите во светот – рече Заев.
Покрај владина делегација, пред споменикот на ослободителите на Град Скопје, свежо цвеќе положија и делегација на
Собранието предводена од пратениците Јулиана Николова и Диме Велковски, на Армијата на Република Македонија, предводена од заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор, Мухамет Рацај, на Сојузот на борците предводена од Никола Стојановски и други делегации на државниот и на дипломатскиот кор.