Наместо да гласа и да го оствари избирачкото право, затвореник од Идризово бил однесен во избирачкото место и вратен назад во ќелија. Го немало во списокот и вели дека традицијата да биде спречен да го даде својот глас продолжила и на овие избори.

Во слична ситуација денеска се нашле стотици затвореници од истиот затвор, сведочи затвореникот кој успеа телефонски да не добие и да го раскаже неговото искуство. Тој проценува дека дури 70 отсто од затворениците во Идризово ги немало во избирачкиот список.
„70 отсто од затворениците немаат гласано, ги нема на списоците. Се побунивме, побаравме, нема на кого да се буниш. Во сите изборни процеси на избирачките списоци нема многу затвореници“, вели затвореник за ТВ 24.
Според овој затвореник најголем проблем имаат осудениците на доживотен затвор кои никогаш не ги нашле нивните имиња на избирачки список. Дека околу 400 затвореници во казнено поправната установа во Идризово не може да гласаат знае и директорот на Управата за извршување санкции. Но решение за денеска нема, ветувањата се од наредната недела.
„Запознаени сме со овој проблем, но бројката не е толкава. Наредната недела ќе извршиме увид во избирачиот список за да го решиме овој проблем. Најголемиот проблем се прави поради протокот на затвореници, бидејќи едни излегуваат, а други влегуваат, но има и такви кои се осудени подолг период, а ги нема во избирачкиот список. Како што реков, бројката не е толку голема, во Избирачкиот список нема 35%-40% од затворениците“, вели директорот на Управата за санкции, Јовица Стојановиќ.
Во затворот Идризово во моментов има над 1.700 затвореници, а во Избирачкиот список се внесени 955 гласачи од 60 општини. Од општинската изборна комисија потврдуваат дека поголем број затвореници се побуниле дека ги нема во избирачкиот список, а до 15 часот гласале околу 350 затвореници.
Претходно, претседателката на избирачкото место 2536 во Идризово рече дека изборниот процес оди во најдобар ред и дека нема никакви проблеми. Директорот на затворот во Идризово, Ќерим Мамути одлучи да молчи за овој проблем на осудениците.