Драматична трка со неизвесна разрешница ги чека партиите од албанскиот блок и во вториот круг на локалните избори. Од првиот со победа и освоени нови два мандати се пофали само ДУИ која доби свој градоначалник во Пласница со нивниот кандидат Исмаил Јахоски и сѐ уште актуелен градочаналник во Кичево Фатмир Дехари кој и во наредните 4 години ќе ја води општината, информира ТВ24.

„ДУИ е прва и најизгласана партија во Кичево, Тетово, Гостивар, Чаир, Сарај, Липково, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Долнени, Пласница, Желино, додека во вториот круг ќе победиме и во Струга.“ – велат од ДУИ.
Алијансата на Албанците пак очекува победа во втор круг во Гостивар со кандидатот Арбен Таравари кој е во трка со сѐ уште актуелниот градоначалник од ДУИ Невзет Бејта и во Струга каде Зијадин Села води пред Рамиз Мерко.
Алијансата на Албанците со своите кандидати во втор круг ќе трча и во Врапчиште, Дебар и Боговиње каде нивни опоненти се повторно кандидатите од ДУИ. Интегративците ќе бидат силна конкуренција и на БЕСА во дури седум општини бидејќи веќе најавија водство. А во една општина Беса ќе ги вкрсти копјата и со кандидатот на ДПА.
„Во најмногу од општините, ние одиме во вториот круг и со ова сме сериозен претендент да ги добиеме овие општини. Одиме во вториот круг во Липково, Чаир, Сарај, Студеничане, Желино, Теарце и во Тетово. Кај Албанците ние сме победници.“ – велат од БЕСА.
Според пресметките пак од последните гласања споредбено со претходните избори се забележува зголемување на гласачкото тело кај Алијансата на албанците која на парламентарните избори кога беше во коалиција со Унитети и НДП освои над 35 илјади гласа а сега на локалните избори сама освои 48 илјади односно 13 илјади гласачи повеќе.
Беса пак која важи за втора по големина партија во албанскиот блок и четврта според бројот на пратеници во законодавниот дом бележи пат на своето гласачко тело. На парламентарните избори освои скоро 58 илјади гласа а на локалните 50 илјади. Гласачкото тело е намалено за речиси 8 илјади. Бројките говорат дека Алијансата сериозно се доближува до Беса како политички опонент.
ДУИ пак споредбено со последните парламентарни избори освои 20 илјади гласа повеќе. За нив на овие избори гласале околу 100 илјади граѓани но партијата се уште не го достигна својот максимум како во 2014- та кога освои 153 илјади гласа. Останува извесно дека вториот круг ќе биде најмногу одлучувачки токму за кандидатите на партиите од албанскиот блок.